3.4 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

КОЈ ЌЕ „ЖНЕЕ“ ЛЕТОВО, А КОЈ ЌЕ СЕЕ НА ЕСЕН?!

Пелагонија, најголемата житница во Македонија е во ек на жетвата. Земјоделците се во „трка“ да се прибере лебното зрно. Да се складира или да се продаде – е прашањето на производителите кои се соочуваат со откупни цени под очекувањата. И не само под очекувањата, туку и под рентабилноста за да може да се покријат трошоците по единица површина.

Откупната цена е  18 денари по килограм, а според трошоците за производство таа треба да изнесува минимум 23 денари по килограм, велат од Националната федерација на фармери. За декар површина жнеењето на комбајнот чини од 900 до 1200/ 1300 денари, а досега : инфлацијата, скапите препарати за прехрана и заштита, изгор цените на горивата, ја ожнеаја добивката на поледелците.

– Она што посебно претставува проблем за полјоделците оваа година се зголемените цени за нафта, бензин и ѓубрива за прихранување. Според пресметката на НФФ производната цена за пченица оваа година во зависност од регионот изнесува од 20 – 23 мкд по килограм, вели Стеванче Јорданоски, поледелец од пелагонискиот регион и член на УО на НФФ.

Климатските промени имаат дополнител удел во ваквата состојба, за што потребни се дополни мерки за помош и спас на македонското земјоделство. Бидејќи, просекот за Пелагонија изнесува околу 300 кгр од декар, но годинава со оглед на сушната пролет и задоцнетите врнежи на почетокот од летото временските неприлики предизвикаа дополнително намалување на приносите.

Како се движат приносите низ годините покажува анализата на Националната федерација на фармери, според која, во период од последните 19 години производството е опаднато за просечни 20 проценти, а од најголемиот подем во 2004 година со 356.825 тони до 200.112 тони во 2019 година, разликата е 44 проценти!  Еведентно е дека отсутството за јасна државна стратегија се рефлектира врз производството на пченица преку падот на продукцијата дури и во услови кога битката за храна е светски проблем.

Да потсетиме дека пченицата е единствениот земјоделски производ во Македонија кој има стратешко значење, дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој. Наспроти тоа, производството на пченица како најважната култура за прехрана на населението се намалува и затоа Македонија увезува пченица и тоа во најголем дел од Србија.

На Македонија и’ се потребни околу 300 илјади тони пченица, а очекувањата се дека годинава поледелците ќе имаат на располагање околу 220 до 230 илјади тони.

Владата донесе одлука до крајот на годината да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица, како една од мерките за заштита на домашното производство и обезбедување на доволно храна, но при тоа не донесе никаква мерка за гарантирана откупна цена на пченицата. Со што пак, повторно ги стави во подредена положба примарните производители кои мака мачат да ги покријат трошоците за актуелната реколта.

Прашањето е: КОЈ ЌЕ ЖНЕЕ ЛЕТОВО, А КОЈ ЌЕ СЕЕ НА ЕСЕН?!

 

Би можело да ве интересира

Тут-ком Прилеп се одборчи кон државата

„Мариовскиот мед“ и „Мариовското биено сирење“ ќе се брендираат

Гордана Цветаноска

Во Прилеп започна распределбата на картичките за „зелена нафта“

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе