Во Општина Прилеп денеска над 700 првачиња во 10 те основни училишта ги направија првите чекори во, за нив, новиот свет исполнет со нови предизвици. На првиот училишен ден градоначалникот Борче Јовчески, им додели пакетчиња на првоодделенците, подароци за среќен почеток на новата учебна година со школски прибор, неопходен за работа. Честитајќи го почетокот на учебната година на учениците и наставниците, градоначалникот Јовчески посочи дека учениците во основните и средните училишта во Прилеп ќе ја започнат новата школска година во подобри услови за работа: во освежени, исфарбани, реновирани училници и училишта, некаде со нови, адаптирани кабинети за одвивање на наставниот процес, со реновирани спортски сали и спортски реквизити, со убаво хортикултурно уредени парковски површини ивнатрешен ентериер, со реновирани санитарни јазли за подобра хигиена… Сето тоа во зависност од потребите и можностите на секое училиште поединечно, во соработка со локалната самоуправа.
„Училиштето е многу важен предизвик во животот на човекот. А образованието е најдобра инвестиција за иднината и темел на секоја заедница, на секоја општина и држава. Денеска на првиот училишен ден, кога пред вас стојат предизвиците на собирање на знаење, сакам да им посакам на сите вработени во основните и средните училишта, на учениците и нивните родители, среќна и успешна нова учебна година, со желба наставниците да бидат среќни што ќе имаат можност повторно да ги пренесат своите знаења на следбениците, а учениците да бидат задоволни со стекнувањето на новите знаења, вештини и навики“, посочи градоначалникот Јовчески при денешните средби со учениците.