11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Мирчески: Ако и годинава тутунот се откупи по мизерни цени, тоа ќе е крај на тутунопроизводството!

Последни денови за прибирање на тутунската реколта, а земјоделците се пред уште една неизвесна откупна сезона. Цените во договорите не ја одразуваат реалната слика за обезбедување на рентабилно производство. Ова, предупредува Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија, би значело крај на тутунопроизводството, бидејќи како што вели тој, трета година по ред тутунот се откува по мизерни цени:

На помалку од месец дена до почетокот на откупот на тутун во оваа реколта, гробна тишина од сите страни. Молчат откупувачите,молчи СЗЗ,молчи МЗШВ, иако сите се свесни дека цените по класи во договорите склучени во месец март не ја одразуваат реалноста за трошоците на ПРОИЗВОДСТВО.

Огромниот раст на цените на репроматеријалите во однос на минатата реколта некој со молчење се обидува да го занемари и највероватно ќе помине така, ако институциите не се освестат и на време не реагираат. Кога на сето ова ќе ја додадеме и двоцифрената инфлација во државата и се повисоките трошоци за живот, тутунарите најверојатно ќе ги чека уште една тешка година. Ако државата дозволи и трета година по ред родот на тутунарите да биде откупен по мизерни цени, дефинитивно тоа ќе биде крај за производството на тутун во Македонија и крај на тутунската индустрија.

Премиерот презентирајќи го сетот мерки за најранливите категории не ги ни спомна земјоделците а особено за тутунарите конкретно не слушнавме ништо, ниту зголемени субвенции ниту внесување на оваа категорија земјоделци заедно со сточарите во мерката зелена нафта, ОСВЕН дека МЗШВ доделила 2 МИЛИОНИ ЕВРА на само 29 тутунари во државата а за што ги долелила до ден денес остана нејасно. Иако нашето барање за пресметка на производствената цена на килограм тутун беше отфрлена од страна на институциите бидејќи или не им одговара вистината или штитат нечии други интереси,сепак благодарение на професионалците од областа на агроекономијата кои поттикнати од нашите постојани апели и барања до МЗШВ за корекција на цените по класи и загрижени за насоката во која се движи земјоделието во последните години, решија на сопствена иницијатива да изготват калкулација за просечната цена на произведен тутун во реколтата 2022. Според нивната анализа таа изнесува замислите 239.7 денари по килограм.

Па затоа јавно прашуваме:според која економска логика е одржливо вакво производство а особено во земјоделието, и дали владата и ресорното министерсто за успех ќе го смета ако се постигне производствената цена? Тоа е недозволиво, особено за култура каква што е тутунот која во текот на неговото производство е под постојан ризик и притисок од временски услови, и според начинот на производство е најтрудоинтензивната земјоделска култура со најголем фонд на работни часови. Уште повеќе неоправдана е ниската цена за тутунот кога таа е најпосакуваната и најбараната култура од страна на странските компании кои традиционално со децении се купувачи на овој вреден македонски производ.

Со оглед на фактот дека до министерот Николовски и до откупните претпријатија не допреа нашите барања за покачување на цените по класи и склучување на анекс договори, ова наше јавно обраќање и предупредување ќе биде до премиерот. Господине Ковачевски имате доволно време пред почетокот на откупот на тутун во државата за оваа реколта за да реагирате на време и да изнајдете начин за покачување на цените по класи. Од вас зависи дали ќе застанете зад интересот на 100.000 граѓани производители на тутун, или зад интересите и екстра профитот на поединци, и само од вас зависи дали ова прашање ќе се затвори пред почетокот на откупот или повторно тутунарите ќе бидат приморани да протестираат. Затоа предупредуваме на време за решение, за да не се доведеме во ситуација да тутунарите излезат со блокади на патиштата барајќи парче леб а наместо решение да бидат етикетирани и обвинувани за политика. Почитуван:Ние сме ставени до ѕид под притисокот за обезбедување на егзистенција на нашите семејства во вакви тешки финансиски и економски предизвици и затоа не ја исклучуваме можноста тие блокади да ја парализираат цела држава бидејќи немаме повеќе што да изгубиме. Затоа јавно ви кажуваме:Не потценувајте ја силата на тутунарите и земјоделците, ние можеби немаме факултети, но добро знаеме дали некој работи во наш интерес, стои во јавното обраќање на Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија, до премиерот Ковачевски и министерот Николовски.

Би можело да ве интересира

Алармантно: Гори мариовскиoт крај – итно заседава кризниот штаб

Пела Редакција

Прилеп: Девет излекувани – 3 нови случаи на заболени

Елизабета Филипоска

Компанијата “Комфи Ангел“ ја посети првиот човек на УЈП

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе