Прилеп, градот херој денеска одбележува 78 години од Денот на конечното ослободување од фашистичките окупатори 3 ти Ноември. Чествувањата започнаа претпладнево со полагање на цвеќиња на спомен обележјето на Методија Андонов Ченто, на Кузман Јосифоски -Питу, на Могилата на непобедените, на спомен-обележјето на Песјобрдце, каде делегации од општина Прилеп, од Сојузот на борци, од политичките партии, им оддадоа почит на хероите.
Сакам да ви го честитам 3 ти Ноември, токму од тука од Могилата на непобедените, каде почиваат останките на нашите херои кои што ги положија животите за оваа денешна слобода. Мораме да им оддадеме почит за нивната храброст, за нивната пожртвуваност, за нивните животи кои што ги положија за оваа независна и суверена Македонија. Нивната храброст уште повеќе значи, бидејќи само во последните два дена од борбите за конечно ослободување на Прилеп се дадени 78 животи. Аманетот за зачуваме се’ што ни оставиле и аманетот да го предадеме на новите генерации е наша обврска и должност. Во ова време кое што за жал ги носи сите предизвици, кризи, економски, материјални, ни остава само едно – се’ она што сме го наследиле да го надградиме и да го направиме уште подобро, посочи градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески.
Во рамките на денешните чествувања пред ЦК Марко Цепенков се одржа Отворен турнир во забрзан шах „Трети Ноември 2022“ во организација на ШК Прилеп. На платото пред Цепенков пак, во организација на Ротари клуб од Прилеп 30 тина средношколци твореа ликовни творби на слободна тема. Вечерва со почеток во 19 часот ќе се одржи јавна свечена седница на Советот на општината кога ќе бидат доделени Третоноемвриските награди во големата сала на Општина Прилеп.