5.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Пензиите не може да се зголемат, платите на функционерите мора да се вратат – Институт за економски анализи

Моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени. Од друга страна, по одмрзнувањето и зголемувањето на платите на избраните и именуваните лица, што доведе до кумулативен раст од 78%, Владата мора да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба, се вели во анализата на Институтот за економски анализи Фајнанс тинк. 

Анализата на Фајнанс тинк ја пренесуваме во целост:

Во услови на зголемени трошоци за живот, од особена важност е животниот стандард на граѓаните да се задржи. Во сегментот на социјалната заштита, односно социјалните надоместоци ипензиите, клучно е нивното усогласување со порастот на трошоците на живот. Според следната табела, усогласувањата на пензиите со трошоците на живот, како и адхок зголемувањата на пензиите во претходните две децении, овозможија порастот на пензиите да го следи или да го надмине порастот на трошоците на живот, и оттука, во целост да го заштити животниот стандард на пензионерите.

Истовремено, според Државниот завод за статистика (последен податок), пензионерите имаат стапка на сиромаштија од 7%, што е значајно пониска од вкупната стапка на сиромаштија од 21.8%, и уште пониска споредено со други општествени групи, како децата (30.3%), самохраните родители (41.6%) и многудетните семејства (45.6%). Лицата над 65 години кои живеат како самци имаат стапка на сиромаштија од само 4.1%.

Зголемувањата на пензиите, особено зголемувањата надвор од предвиденото законско усогласување со порастот на трошоците на живот и просечната плата, е неопходно да се гледаат од призма на макро-стабилноста на пензиските финансии, односно дали Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може стабилно и без ликвидносни проблеми да ги исплаќа презмените обврски кон пензионерите сега и во иднина.

Повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, посебно кога тие беа големи и посебно во предизборни и изборни години, доведоа до значајно продлабочување на дефицитот на ФПИОСМ. Дефицитот на ФПИОСМ е делот кој Фондот не може да го покрие од изворни приходи – придонеси на плати, поради што дополнување прави централниот буџет. На следниот графикон е прикажано дека уделот на буџетските во вкупните приходи на ФПИОСМ забележа драматичен раст кој достигна кулминација во 2017 година и изнедуваше 43.6%. Тоа означува дека скоро половина од пензиските исплати се вршеа од општиот буџет на државата, односно се на товар на општото оданочување, што имплицира дека голем дел од расходите за пензии ги покриваат плаќачите на даноци од кои дел во иднина можеби и нема да бидат под капата на ФПИОСМ затоа што не се во осигуран работен однос.

Со реформата на пензискиот систем од 2019 година, која меѓу другото подразбираше и благо зголемување на стапката на пензиските придонеси во две последователни години, неодржливата патека на ФПИОСМ запре и уделот на буџетските во вкупните приходи почна да се намалува и моментално се движи околу една третина. За тогашната реформа, Фајнанс тинк се произнесе со свои сценарија и симулации кои беа претставени во Студија за политиките 14: Одржливост на пензискиот систем во Македонија: Сеопфатна анализа и предлог-реформа со МК-ПЕНС – динамички микросимулациски модел и последователно објавени во проминентното меѓународно списание Journal of Pension Economics & Finance.

Оттука, за стабилноста на пензиските финансии и за добросостојбата на сегашните и идните генерации, вклучително и поради ризиците од дополнително подгревање на инфлацијата и инфлациските очекувања, од клучна важност е да продолжи патеката на стабилизација на ФПИОСМ. Тоа имплицира дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени.

Во контекст на општите движења во економијата, Фајнанс тинк (Finance Think) забележува дека интензивирањето на барањата од страна на разни општествени групи за пораст на примањата (плати, пензии и сл.), е во еден дел водено од порастот на трошоците на живот, што е легитимно барање, но во друг значаен дел од поттикнувањето реторика дека платите може да пораснат без зголемување на продуктивноста, и од одлуката на Уставниот суд – и последователниот молк од страна на Владата – со која се одмрзнаа зголемувањата на платите на избраните и именуваните лица, што доведе до нивен кумулативен раст од 78%. За последново, Фајнанс тинк ја повикува Владата да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба и да отвори дијалог во рамки на кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите.

Би можело да ве интересира

Последни подготовки за старт на откупот на тутунот

Гордана Цветаноска

Четири нови случаи на Ковид-19 во Прилеп

Елизабета Филипоска

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе одржи отворени средби во Прилеп

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе