11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

За Крстот на Марковите Кули и Крстовден

Локалитетот Маркови Кули, препознатливиот белег на Прилеп, пред неколку децении беше надополнет и со уште еден препознатлив симбол, Крст, поставен на неговиот врв, за 2000 години христијанство во Македонија (2002 година), за да говори и потсетува на духовноста на луѓето кои живеат на дел од овој простор.

Пред повеќе од две децении,  на денешен ден Крстовден (септември 2002 година)  крстот беше и осветен, со присуство на Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар и други свештенослужители во пристуство на голем број граѓани, почитувачи на христијанската вера и прилепчани.

Тоа беше сензационално. Никогаш немам видено толку многу народ на едно место, до врвот на Маркукуле. Со голема љубов тоа го прими народот. И, откако го осветивме, вечерта се појави, верувале или не, ореол над Крстот. Го видов со свои очи  ја раскажува приказната за поставувањето на крстот на Маркукуле, за Радио Пела, осумдесет и двегодишниот, Методија Попантоски, човекот кој е еден од иницијаторите и учесниците во поставувањето на Крстот на врвот на Марковите Кули во Прилеп.

 

Се’ започна по иницијатива на тогашниот директор на АД “ЕСМ” – подружница Прилеп  Блаже Стојаноски – Бако. Тој добил донација и реши, во согласност со сите општински структури, донацијата да ја преточи во Крст, кој ќе го осветлува градот и ќе го претставува Прилеп од далеку, како симобол и заштитник на градот. Јас тогаш како тех. директор, воодушевен од идејата, максимално се вложив во реализирање на поставувањето на Крстот. Беше тешко, со оглед на географската положба каде требаше крстот да се постави, на врвот на Марковите Кули, на 180 метарски рид од вулканско потекло кој изобилува со многу карпи со специфичниот состав,  кои тешко се обработуваа за да се постави оваа прекрасна инсталација . раскажува и се присетува Методија Попантоски, за идејата и желбата крстот да биде поставен на едно од најпрепознатливите места во Прилеп.  „Зошто тука?!  Бидејќи тука е христијанството, во близина е манастирот „Св.Архангел Михаил“, а од другата страна само неколку километри подалеку е еден од најубавите светски манастири „Богородица -Трескавец“, рече тој!

Во градежните активности, помогнал тогашниот директорот на некогашниот ГП „Прилепец“, Петар Макески кои со свој стручен тим создаде услови крстот да се намести на врвот на Марковите Кули.

„Беше навистина тешко и речиси неизводливо. Но, Петре Маке рече дека можи тоа да го направи. Постави бетонски темел. Го качувавме дел по дел, со силни надчовечки напори, а цел ден врнеше. Долу се мешаше циментото, па од рака во рака, од човек на човек, во кофи се пренесуваше циментото до врвот. Ние како електродистрибиција поставивме долновод, донесовме електрично напојување, поставивме најпрво трафостаница, за да има осветлување се со цел Крстот да свети во ноќните часови, што беше идеја на директорот Блаже – Бако. И, денеска, навистина, претставува убавина која свети од каде и да погледнеш, од запад и исток- од север и југ. Но, тогаш, стварно имаше голема волја, верба, расположение и вера кај народот, и во сите нас, и желба, Прилеп да го има Крстот и тој да го штити градот и да биде негов симбол. Се уште кај мене стои клучот каде што е поставен Крстот, од страв некој да не го оштети. Иако стравувавме, до ден денес, никој не се осмели да го отстрани крстот од врвот на Марковите Кули„ ја раскажува приказната за Крстот на Маркукуле, Методија Попантоски (целиот разговор слушнете го подолу)

Конструкцијата на објектот започнала во 2002, а била финансирана од Македонската православна црква, македонската Влада, и дарители од Македонија. Крстот на Марковите кули е висок 10 метри и е изграден од железна конструкција.  Е осветлен. Неколку години по поставувањето беше осветлена и неговата околина со рефлектори заедно со патеката изградена со асфалтен пат, но само по неколку години тоа осветлување беше демолирано од несовесни граѓани.

Денеска Крстот, како монументално дело, кое со години стои издигнато над градот, претставува препознатлив симбол за добронамерниците кои доаѓаат да го посетат Прилеп и неговата околина а, денешниот ден Крстовден, 27 септември, останува како потсетување, како ден на осветувањето на Крстот на Марковите Кули во далечната 2002 година.

 

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) За Иванден „Преродба“ со децата од градинка пееја “Тајане Бојане„ и месеа кравајчиња

Елизабета Филипоска

Помош од 2.850 Евра за лекување на малиот Матеј

Елизабета Филипоска

Македонците се најнесреќните луѓе на Балканот

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе