Работи со пинцета, со земја, со камчиња, прави плитари, ѓерамиди, твори со природа прилагодена на минијатурен свет, а му помагаат единствено фантазијата и присетот на некое не многу далечно време, кое денес е за жал е запоставено и заборавено. Идејата за творбите кои се навистина уникатни и зрачат со живот, спонтано ја открил уште како дете, за денес, да му претставува хоби, но и своевидна уметничка творба која е многу повеќе од тоа. Зошто? Затоа што на Емил Димоски целта му е да ги заштити етничко – архитектонските и фолклорните обележја на македонските села од забот на времето.
В петок, на 18 ти мај, во 20.30 ч. наставникот по физика и математика, уметник и ракотворец, во галеријата Борко Лазески при Центарот за култура Марко Цепенков, Емил Димоски ќе ја отвори својата прва самостојна изложба во Прилеп, а втора воопшто. Изложбата носи интересен наслов (Не)заборав.
– Првата моја самостојна изложба беше во Битола, сега еве конечно ќе се претставам пред прилепската публика, пред домашната публика. Изложбата носи наслов (Не)заборав. Мојата основна цел на изложбите е да ја зачувам традицијата и да се вратам на етнологијата, архитектурата, фолклорот како што било порано, како нашите ги граделе куќите. Сакам да ги вратам тие начини на изградба какви биле, да ги демонстрирам преку макети, зашто претежно повеќето куќи во руралните средини веќе се разрушени. Некои од куќите веќе и не постојат, така што јас сакав да ги вратам од незаборав.
Попратни елементи на самата изложба ќе има и мала инсталација преку фолклорни додатоци кои ќе ја збогатат изложбата, а воедно и самите присутни ќе се навратат на историскиот дел. Помладата публика ќе има прилика да ги види тие елементи и да подискутираме нешто поконкретно за некои етно сегменти кои го отсликуваат начинот на изградба на куќите.
Радио Пела: Уметниците користат разни техники, материјали, бои, инсталации, но интересно е што (Не)заборав има најмногу од се природа, која ја оживува историјата и етнологијата?
– Се обидувам да користам што поавтентични материјали. Повеќето материјали се црпени од самото место каде што се градени куќите или сликите што ги работам. Значи користам природни и автентични материјали земја, тревки, плочи, со кои куќите биле покриени со оние плочи лискун – момирок, или пак со ѓерамиди што ги викаме турски – лачни, точно такви ги правам и ги ѕидам куќите. Покрај тоа изработувам и прозорчиња кои некогаш се искривени, врати и огради од автентичен материјал за самите слики и макети. Боја вештачка не користам, зашто дрвцата се оригинално изгорени од забот на времето, или пак од оган, а ги доловувам и нијансите, ако станува збор за р‘ѓосан плех кој што го има на прозорците како заштита од инсекти. Исто така и во дворот ги изработувам елементите како што се тркала, дрвца, или пак, она што е карактеристично во селските куќи – јамболии, различни ткаени дипли, кои што некогаш биле дел од секојдневието. Се’ тоа се обидувам да доловам и да ги вметнам, па дури и оградата ако е плетена да остане таква, ако се скалите искривени исто така да бидат оригинални, дали се дрвени или пак од камен – се тоа е вградено во макетите… На поставките од изложбата дури се гледаат и ментешињата, вренговите на вратите во куќите, а поставени се и тогашните помагала во домаќинствата како што биле: каци, бутим, софра, троножни столчиња и сите обележја од тоа време.
Радио Пела: Што е твојата инспирација, или како започна со творбите кои зборуваат за едно минато време, но во исто време зрачат со живот?
-Мојата инспирација од кога сум почнал да ги создавам куќите е уште на најмала возраст на 11 години. Тогаш работев куќички од кибритчиња, а сега се создадени од автентични материјали и она основно што ми се вдахнало во мене за да почнам, најверојатно е уште од помала возраст, кога моите ме носеле во околните села. Секогаш мене ме инспирирал селскиот живот и самите куќи како се градени.
Макетите имаат различна големина, но ги краси микросветот кој што го поседуваат заради минијатурноста и прецизноста.Најголемата макета од тие што се изработени е од 40 на 50 сантиметри, а во висина на 15 сантиметри, таа е всушност куќа од мојата мајка, каде што таа живеела, а јас и’ ја изградив, се со цел да патува таа во која што сака од собите, се гледа како живеело нејзиното семејство, зашто таа куќа сега не постои.
Инаку, најмалите минијатури се 10 на 4 сантиметри, а исто така вградувам во природни материјали лејка или црпка, кои се сечени и внатре се вградени куќарките, но и во грне за грав, каде исто е поставена куќа. Некаде поставувам и осветлување, зашто ме интересира колку до деталји можам да ги доловувам нештата, а работам најмногу со пинцети.
Емил Димоски досега учествувал на групната изложба со Друштвото на уметници „Ракотворци“ од Прилеп. Исто така, наградуван е со повеќе дипломи: диплома за најдобар македонски ракотворец за 2008 година на изложбата на „Македонски ракотворби- непресушен извор на традицијата“, како и диплома за најуспешен ракотворец од учесниците на истата изложба. Минатата година ја имаше својата прва самостојна изложба во рамките на Балканската колонија на ракотворци во Битола.
Роден е 1980 година во Прилеп. Завршил гимназија, а подоцна своето образование го продолжил на природно-математичкиот факултет во Скопје. Живее во Прилеп и работи како професор по математика и физика во основно образование, додека пак во слободното време се занимава со уметност.
Радио Пела е медиумски покровител на изложбата (Не)заборав на Емил Димоски