11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Прва светска војна-Македонците се бореа во три туѓи војски, а најчесто беа роднини и пријатели

Претставници на македонската заедница во Франција, здруженијата „Илинден 1903“ и „Заборавени Македонци“ секоја година се дел од официјалната програма и во Паркот на мирот во гратчето Коломбел во Нормандија полагаат венци пред споменикот на кој се изгравирани имињата на 33 Македонци кои загинале на страната на француската војска во Првата светска војна. Така беше и оваа година, Македонците не ги забораваат своите корени, своите сонародници и своите страдања низ минатото, најчесто присилно и за туѓи интереси.

Франција на државно ниво го одбележува денот 11 Ноември кога беше означено примирјето и победата на сојузниците над Германија во Првата светска војна. Примирјето кое стапи во сила во Париз на овој историски датум е познат под називот „во 11 часот на 11 ден од 11 месец“ во 1918 година кој ден се смета за капитулација на Германија во Првата светска војна.

По повод 105 години од завршувањето на Првата светска војна и одбележување на Денот на примирјето (11 Ноември) македонската асоцијација „Илинден 1903“ придонесе францускиот град Кантеле во Нормандија оваа година да биде домаќин на изложбата 100 години од Македонскиот фронт – секојдневниот живот на линијата на фронтот“ од македонските автори Иљо Трајковски и Мире Младеновски во тесна соработка со Асоцијацијата на наставници по историја на Македонија (АНИМ) и во соработка со Францускиот институт и гимназијата „Јосип Броз – Тито“ од Битола и поддржана од Министерството за култура на Македонија.

Изложбата изворно беше осмислена и прикажана во ноември 2018 година во Битола по повод 100 години од завршувањето на Првата светска војна и 50-годишнината од збратимувањето на двата града, францускиот Епинал и македонска Битола. Потоа изложбата обиколи повеќе од 20 градови во Македонија и беше прифатена со голем интерес од јавноста и учениците во основните и средни училишта.

Следната, 2019 година, во соработка со Францускиот институт, 13 ученици со нивните наставници од гимназијата „Јосип Броз – Тито“ учествуваа во проектот изложбата да биде приопштена на француски јазик и истата да биде претставена пред француската публика, односно изложбата е подарок од општина Битола на градот Епинал како гест во негувањето на македонско-француските историски, културни и пријателски врски.

„Македонскиот фронт“ е интересна тема за историчарите бидејќи тука се судираат сите завојувани страни, на северната страна на фронтот се наоѓаат војските на Бугарија, Германија, Австро-Унгарија и Османската Империја, а на јужниот дел од фронтот се француската, српската, грчката, британската, руската, италијанската војска, како и голем број на војници од колониите на Франција и Обединетото Кралство (Велика Британија) од Африка и Азија.

Изложбата го претставува животот на војниците, нивните страдања, но во исто време го отсликува и животот на цивилното население на линијата на фронтот, нешто што досега не било претставено на пошироката публика.

Со почетокот на војната, голем број млади Македонци од регионот на Пелагонија, биле мобилизирани во војските на Србија или Бугарија, а подоцна и во грчката војска, па тие се нашле на двете страни од фронтот, често и роднини, пријатели или комшии од исти села биле во различни спротивставени војски. Тие требало да се борат еден против друг, а тоа оставило длабока трага во сеќавањата на населението на оваа војна, како и во народната традиција и литературата во Македонија.

Би можело да ве интересира

Од КОВИД 19 почина лекар од Крушево

Елизабета Филипоска

11 заболени,едно починато и 30 на инфективното одделени

Елизабета Филипоска

Со дрво помалу остана паркот кај судот- Годинава „отстранети“седум дрва од јавно прометните површини

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе