11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

П О В И К за СТОПИРАЊЕ на уништувањето на прилепскиот локалитет „Каракамен“

КУЛТУРНИОТ ИСТРАЖУВАЧКО-ДОКУМЕНТАЦИСКИ ЦЕНТАР, „КАЛЕШ АНЃА“ – КОМИТЕТ ЗА ЗАШТИТА НА ПРИРОДНОТО И КУЛТУРНОТО  НАСЛЕДСТВО НА МАКЕДОНИЈА упатува повик за спас на исклучителното природно и културно наследство на локалитетот „Каракамен“ („Црн Камен“) меѓу селата Алинци и Шелеверци, прилепско, кој што како што се наведува денес е изложен на целосно уништување со изградбата на регионалниот пат Прилеп – Битола, делница Коридор 10 д , во реализација на Бехтел и Енка. 

Од Центарот „Калеж Анѓа“ посочуваат дека станува збор за исклучително вреден и богат локалитет со најмалку 8 ретки минерали и геолошки наоѓалишта кои претставуваат светско чудо за геолозите и минералозите:

„Еден исклучително интересен локалитет, „Каракамен“ („Црн Камен“) меѓу селата Алинци и Шелеверци, Прилепско, на кој е пронајден и еден нов редок минерал наречен „македонит“, а располага со голем број други видови ретки минерали, вистинско светско чудо за геолозите, минералозите и познавачите на геологијата и минералогијата, но и редок како локалитет кој содржи значајни културни остатоци од населба од праисториските периоди, во моментов, е нападнат со експлоатација на тампон за патот Прилеп  Битола и е изложен на комплетно уништување. По извршените испитувања на геолошкиот материјал (геолозите сметаат дека не е погоден за тампон за пат), на локалитетот е започната забрзна подготовка за експлоатација. Локалитетот е нападнат со голем број тешки машини, кои работат од рано утро до доцните вечерни часови и се на добар пат да го уништат ова светско чудо – можеби единствено по големиот број видови ретки минерали. Нашиот впечаток е дека надлежните институции за заштита на природното и културното наследство, барем засега, се ставени настрана или не покажуваат особен интерес за спречување на овој крајно необмислен чин, а стручните лица, кои се ангажирани во нив, без верба дека нешто може да се спречи, особено, со оглед на, набрзина, донесените измени во важечката законска регулатива и потпишаниот договор меѓу фирмата „Бехтел и Енка“ и домашната влада.

ЛОКАЛИТЕТ СО  НАЈМАЛКУ  8 ВИДОВИ РЕТКИ МИНЕРАЛИ ОД КОИ ЕДЕН ОД НИВ Е ПРОНАЈДЕН ТУКА И Е НАРЕЧЕН МАКЕДОНИТ

            Локалитетот се наоѓа во атарите на селата Шелеверци и Алинци, Прилепско. Тој е на само 10 km јужно од Прилеп, околу 300 m источно од патот Прилеп – Битола, околу 1000 m јужно од селото Алинци и околу 300 m северозападно од селото Шелеверци, од десната страна на патот Прилеп – Алинци. Познат е под името „Каракамен“ или „Црн Камен“ и се состои од два помали локалитети, „Шелеверски Камен“ во атарот на селото Шелеверци и „Алински Камен“ во атарот на селото Алинци. И во двата атари овој локалитет е, особено, интересен од аспект на природни вредности, особено присуството на поголем број ретки минерали, како што се МАКЕДОНИТ (пронајден е на овој локалитет и го има уште само на еден локалитет во Шведска), амазонит, титанит, рутил, монацит, арфедсонит, антас и кварц. Ваквите наоди го прават овој локалитет редок во светот и, особено, значаен. Локалитетот е познат нашироко во светот на стручната јавност, посетуван од стручни лица – геолози, рудари и минералози уште многу одамна и од разни земји – Германија, Русија, Словенија, Бугарија,Црна Гора. Посетуван е од професори и студенти и разновидни групи – претсатвници на рударски факултети и научни институции од областа на геологијата и минералогијата од разни земји. За овој локалитет,  стручњаците од соодветната област во Македонија се запознати и загрижени поради бесмислениот чин на уништување, но нивниот глас, се чини, никој не го зема предвид,стои во повикот.

Од Комитетот за заштита на природното и културното наследство го поставуваат прашањето: Има ли свест, знаење и сила во нашето општество, односно, во системот на државата, кои ќе го спречат ова злосторство за да се зачува овој локалитет со единствени природни вредности, а со тоа да се зачува и материјалната култура, која преостанала на него, со оглед на фактот што и во минатото се направени непромислени активности со експлоатација и, притоа, биле уништени неповторливи природни и културни вредности. Поради тоа, ги ПОВИКУВААТ сите надлежни институции за заштита на природното и културното наследство во Македонија, сериозно да му пристапат на овој проблем, да ги спрегнат сите располжливи стручни и институционални сили, користејќи ги своите законски обврски и одговорноста, која произлегува од нив за да се спаси локалитетот „Каракамен“ и непроценливото природно и културно богатство кое го содржи. Воедно, ги ПОВИКУВААТ за подршка и сите други институции во земјата, Универзитети, научни институции, Здруженија на граѓани и сите поединци, кои се загрижени поради бесмисленото уништување на природните и културните ресурси, со што се поткопува идниот развој на државата Македонија, односно, се поткопува основата за нашата иднина!

Во повикот се наведува дека КИДЦМ „Калеш Анѓа“ -Комитет за заштита на природното и културното наследство преземаат чекори за спречување на овој бесмислен чин и ќе ги искористат сите расположливи сили и законски активности и постапки да ја постигнат целта. Неконтролираното уништување на културното наследство во прилепско се должи, како што велат во повикот на несоодветната соработка меѓу институцииите за заштита на културното наследство, Министерството за Економија, преку кое се издаваат концесиите и концесионерите што доведува до неконтролирано уништување на културно наследство на локалитетите, кои располагаат со остатоци од материјална култура, а за кои се издадени концесии за експлоатација. Повеќе за ова на порталот Пелагон

„Само во Прилепско можеме да наброиме повеќе од десет локалитети на кои се вршела експлоатација и, притоа, е уништена значајна материјална култура, најмногу од праисториските периоди, особено енеолитот, бронзеното и железното време, а со тоа и на наследство од поновите периоди, како што се раната антика, римскиот период и доцната антика, па и средниот век. Покрај кутурно наследство, со неконтролирано издавање концесии за експлоатација на минерали, се уништува и значајно природно наследство.

Во нашето истражување констатиравме дека многу населби од енеолитот и бронзеното време биле формирани околу масивни гранитни форми, карпи со фасцинантна димензија и форма, кои биле искористени како своевидни централни објекти на старите населби. Токму таквите природни објекти, по кои се среќаваат и интервенции од човечка рака за нивно прилагодување за намената за која биле избрани, се напаѓани од концесионерите и, притоа, се девастирани цели локалитети со остатоци од населби од споменатите периоди. Многу од нив не се регистрирани во Археолошката карта на Република Македонија, па тоа им ја „олеснува“ работата на надлежните институции за издавање концесија, како и на концесионерите при експолатацијата. Во јавноста, често, се шпекулира дека ваквите концесии, под изговор за експлоатација на природни суровини, се барани и со цели за потрага по скриено богтаство и вредни археолошки предмети. Ваквите шпекулации наоѓаат оправдание во некои примери, кога концесинерите со својата машинерија ги напаѓаат централните делови на локалитетите, делови со земна површина, не водејќи сметка за гранитната маса, која е нивна основна цел добиена со договорите за концесија.

На ваков начин денес среќаваме уништени повеќе значајни локалитети, а штетата која е направена е непроценлива. Има неколку примери при кои се вршени археолошки истражувања на нападнатите локалитети и, притоа, се откриени архитектонски конструкции од населбите, како и пронајден извесен број археолошки предмети, но самите локалитети не се заштитени, а експлоатацијата не е спречена. Други такви локалитети воопшто не се истражувани, па дури не се ниту посетени од надлежна институција и стојат уништени со експлоатацијата на природниот материјал. Какви резултати можат да се постигнат со евентуално археолошко истражување може само да се претпоставува,“ стои во повикот од КУЛТУРНИОТ ИСТРАЖУВАЧКО-ДОКУМЕНТАЦИСКИ ЦЕНТАР, „КАЛЕШ АНЃА“ – КОМИТЕТ ЗА ЗАШТИТА НА ПРИРОДНОТО И КУЛТУРНОТО  НАСЛЕДСТВО НА МАКЕДОНИЈА.

 

Би можело да ве интересира

За Велигден и Рамазан нема да има полициски час, а од среда се отвораат кафулињата

Елизабета Филипоска

Дали и како ќе се регулираат новите медиуми (социјалните мрежи) на македонскиот пазар?

Појавата на рој црни мушички во воздухот ги вознемири прилепчани

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе