0.8 C
Прилеп
понеделник, 30 декември, 2024
Пела Радио

Жетва богата – цена евтина, а лебот поскапува!!!

Пелагонија, најголемата житница во Македонија е пред крај на жетвата. Земјоделците ја привршуваат „трката“ да се прибере лебното зрно, а во тоа летово им помогнаа високите температури и релативно стабилните временски прилики. Годинава, општо е задоволството од квантитетот и од квалитетот на пченицата и јачменот. Приносите во прилепскиот дел од Пелагонија во просек изнесуваат над 4 000 до 5 500 кгр по хектар единица површина високо квалитетна пченица од 75% до 80% хектолитарска тежина. Комбајните го прибираат остатокот на нивите. Прашањето е по која цена ќе се продава и кој ќе жнее профит?

Лебот поскапува – пченицата поевтинува!!!

Неочекувано, основниот прехранбен продукт – лебот пред почетокот на домашната жетва во јуни поскапе за 10 отсто и со тоа само ги подгреа надежите за зголемување на откупната цена на пченицата. Причината беше зголемената цена на суровината – пченицата на светските берзи. Најавите од мелничарите беа дека со жетвата на домашната пченица, цената ќе падне, а онаа на лебот ќе се стабилизира, односно ќе се врати по старо. Во трговијата на мало еве, и на крајот од жетвата, цените останаа повисоки, и ретко кој верува дека ќе има намалување на цената на лебот.

Пазарот за брашно е либерален, па најчесто во регионов домашните пекарници увезуваат од Србија, од каде што Македонија набавува најголем дел за домашното производство на леб. Според Системот на трговски информации на земјоделството во Србија последната недела од јули 2024 просечната откупна цена на пченицата изнесува 12 денари за килограм. Додека кај нас во истиот период пред крај на жетвата мелничарите ја земаат од 10 до 11 денари за кгр. Каде е тука производната логика и колку домашниот есап излегува на пазарот?

Откупната цена е доволна да се разборчиме по земјоделските аптеки

Миле Кебакоски со земјоделство, производство на пченица и сончоглед се занимава 30 години. Тој вели дека особено последните 10 години, со исклучок на 2022 година цената на стратешкиот производ пченицата никако да ја постигне рентабилна цена.

„Од продажната цена зависи иднината на земјоделството во Пелагониската рамнина, тоа е најважно. Што се однесува за овогодинешната цена од 10 денари навистина е многу ниска. Со овие пари тамам да се разборчиме по земјоделските аптеки, но пари за претстојната сеидба ќе нема. Ќе се посее многу помалку или некои земјоделци нема воопшто да посеат. Ние добиваме субвенции како помош од државата, но за жал, во некои региони субвенциите не се доволни ниту за пребивање на киријата за концесија. Ниската цена им одговара на трговците со Грција. Се извезува во Грција нашето жито по ниски цени, а се увезува пченица и брашно од Србија по повисоки цени, “ вели Кебакоски и додава дека секторот не е привлечен за младите бидејќи во поледелството – производство на пченица главниот проблем е исплатливоста и тежината на работата.

„Има се’ помалку млади кои работат земјоделство или да водат земјоделски бизнис. Младите најчесто им помагаат на родителите, а работат во индустриските зони,“ вели Кебакоски.

 

Дали пченицата е стратешки производ во Македонија и што значи тоа?

И додека светот се прилагодува на климатските промени со кои под закана е производството на храна заштитувајќи го домашнато производство, македонскиот земјоделски сектор е како вејка на ветрот. Отсуствува долгорочна национална стратегија за производство на храна, пред се’ за основниот продукт лебот, во која би биле загарантирани поддршката и цената за лебното зрно, со што  и најважно – Македонија не би била зависна од увоз. Пченицата е стратешки производ уредена со Закон  и надлежните имаат обврска во случај производната цена да е повисока од продажната, да ја надокнадат таа разлика…

Новата централна власт најави дека за актуелната реколта ќе го заштити домашното производство

-Како министерство ќе ја ангажираме Агенцијата за стокови резерви да набави 15 илјади тони пченица од македонските прозводители. Земјоделците кои нема да сакаат да ја предадат пченицата, ќе можат да ја чуваат, да ја складираат, а државата ќе го покрие тој трошок, изјави Цветан Трипуновски, министер за земјоделие.

Годишно во земјава просечно се произведуваат околу 250.000 тони пченица, а  потребите на населението се над 370 000 тони. Секоја година се увозува лебно жито по многу ниски, дампинг цени, со што се рушат цените на домашните земјоделци.

– Очекувањата се дека жетвата 2024 та нема надмине 200 илјади тони бидејќи површините под житни култури се намалуваат. Земјоделците не се мотивирани да работат за цени под рентабилните. Производната цена на пченицата која ја утврдува катедрата за поледелство од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје лани изнесувала 19 денари за килограм, а годинава изнесува неполни 14 денари или 13,86 денари за килограм. Не е јасно според кои параметри вредноста за една година паднала за 5 денари? Од друга страна со самото тоа што пченицата е стратешки производ државата треба да има заштитна, а не цена утврдена од берзите во регионов,“ вели Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната мрежа на земјоделци.

Само за споредба од вкупните национални потреби од годинешната жетва само мал дел или 8 %  државата ќе се погрижи да го прибере за стоковните резерви по цена која што сеуште не е позната. Останатиот дел ќе се откупува за 10 до 11 денари од килограм.

За 2 децении домашното производство преполовено

Како се движат приносите и интересот за овој агро – потсектор низ годините покажува анализата на Националната федерација на фармери. Во период од последните 20 години македонското производство е во слободен пад. Од најголемиот подем во 2004 година со 356.825 тони до 200.000 тони во 2024 година. Разликата е близу 48 проценти!  Алармантен е падот на продукцијата засилен со климатските промени, слаб интерес кај поледелците поради отсуство на гарантирани цени, иселувањето, и на крајот јасна државна долгорочна стратегија за развој наспроти регрес. Македонија стана увозно зависна земја за храна.

Секоја година на сметка на извозот се зголемува увозот на храна

Во 2014 година увозот на храна тежел 470 милиони евра, а во 2023 изнесувал 890 милиони евра. Увозот на храна и намаленото домашно производство е проблем за националната и локалната економија. Македонија лани потроши близу 1 милијарда евра за увоз на храна, што покажува зголемување од 88% во последните 10 години. Примарното земјоделство има потреба од гарантирани цени за нивните производи, со што  локалните производители би имале стабилност и дополнителен поттик. Таков беше примерот со сончогледот кој што по децениска отсутност се врати на македонските ниви.

Кој годинава ќе жнее профит од стратешкиот производ – пченицата? Жетвата беше богата – цената евтина, нерентабилна, а лебот поскапува !!! Кој ќе се офајди? Дали ќе поевтини лебот, или земјоделците ќе ја добијат посакуваната откупна цена од 30 денари за килограм пченица? За жал, според приликите малку е веројатно и едното и другото.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Како ќе функционира „Помош и нега во домот“ во Прилеп, Кривогаштани и Долнени

Гордана Цветаноска

Увоз на работна сила бараат пелагониските стопанственици

Елизабета Филипоска

Во Цепенков изложба на две уметници

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе