Дека младоста можеби го нема искуството, но ја има жарта да дејствува, да помага и да служи како пример во заедницата, говори приказната за 19-сет годишните прилепски момчиња, кои тргнаа кон мариовскиот крај да ја спасуваат планината од огнената наезда, што беснее веќе неколку дена во Мариово и им се “заканува“ на мариовските села и манастири. Со лопати во рака, маски и патики на нозе, дечките покажаа како се сака своето парче земја, како се штити и како треба да се постапи кога е во прашање битката за секоја педа дедова земја со цел да се спаси од огнениот налет, не мислејќи ниту на опасноста што може да им се случи, ниту на последиците од чадот.
Младите доброволци, без „пожарникарско искуство “ велат заминале да ги спасуваат домовите на нивните дедовци и предци во Крушевица, но биле и загрижени за манастирот Писокал и црквата „Св. Илија“, под превојот Слива кој е на 15 километри оддалечен од Прилеп, на патот за Мариово, па го чувале и манастирот од огнените јазици.
„Се јавивме во протипожарнате единица и ни’ рекоа да земеме само лопати. Отидовме во с. Крушејца оти таму се куќите на нашите дедовци и баби, на моите предци. Доброволно отидовме да ги спасиме трлата, куќите, тутунот… од огнот кој му се закануваше на селото. Кога појдовме, планината гореше. Не водеше еден старец, 80 годишен, од месното население, за да се искачиме најгоре на планината, каде што гореше, а пламените јазици ни беа пред нас. Беше ризично. Гасневме со лопатите. Многу чад се изнаголтавме, иако носевме маски. Гасневме повеќе од 5 часа, од 9.00 вечерта до 2.00 часот, ова утрово. Не ни помислив за загриженоста и стравот на мојата мајка. Сакав само да помогнам! “ – ни раскажа младото момче, Андреј Николоски, кој со своите 5/6 другари доброволно заминаа да помогнат во гаснењето на пожарот во Мариово
Инаку, пожарот во Мариово „беснее“ веќе шест дена. Па, прилепските локални власти, заедно со кризниот штаб, упатија апел до оние кои имаат имоти во мариовското село Крушевица поради големата опасност од пожарот да се упатат кон селото и да помогнат. Повеќе од 60 доброволци активно се упатија да помогнат во гаснење на пожарите во прилепско Мариово, а младите 19 -20 годишни момци кои неколку дена активно се вклучени во гаснењето на пожарот, ќе останат запаметени како најмладите доброволци кои беспоштедно се вложиле во гаснењето на пожарите, мариовско.