-1.9 C
Прилеп
недела, 22 декември, 2024
Пела Радио

Димоска: Животот на мојот мачор го преточив во книга за деца (ФОТО+ВИДЕО)

Разговор со Лина Димоска, писателка од Прилеп

Мачорот Тане Ви беше инспирација за создавањето на Вашата прва книга за деца. Раскажете ни за главниот лик во книгата…

Главен лик во книгата е мојот мачот Тане, кој е дел од нашето семејство веќе две и пол години. На Facebook видов дека мало, слатко мачорче бара дом и одлучив да го вдомам. Првата средба со Тане ветуваше мир и спокој бидејќи се најаде и си отспа три-четири часа, но веднаш потоа го претстави својот темперамент. Неговите секојдневни беснеења, јазење по завеси, туркање на новогодишната елка повеќе од педесет пати, екипата од мачки што си ја има во двор, туркање на предмети и после изеден ќотек ме инспирира да ги напишам расказите. Исто така, Тане имаше тешка дијагноза, која кај многу мачки е смртоносна, но заради упорноста и грижата на ветеринарите успеа да спаси жива глава. Благодарение на сите настани околу неговиот вистински живот се роди збирката раскази „Мачорот Тане“.

Тане од расказите е сличен на реалниот Тане, со една единствена разлика, оној во расказите успева да извлече некоја поука или животна мудсост од секоја неволја во која ќе се вовлече.

Авторка сте на неколку книги поезија и проза за возрасни. Да ги потсетиме читателите на вашите досега објавени дела,  но и како се роди желбата и идејата да творите и за деца?

Автор сум на збирката поезија „Љубовни писма за еден прилепчанец“ и на новелата „Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ во издание на Бата Прес. Покрај тоа, активно пишувам поезија и новите поетски творби најчесто ги претставувам на серијалот од настани, насловен „Љубење со стихови“, кој го реализираме заедно со Филип Димкоски.

Идејата да пишувам за деца се роди сосема случајно, во еден септемвриски ден, кога раскажував дека Тане сака си лежи токму на местото каде што дува топлиот воздух од клима уредот. На некој начин, потсетуваше на технолошка револуција кај мачките, од пред ќумбето, да се преселат под топлиот воздух на клима уредите. Најпрво се роди пресничката „Мачор на клима“, објавена на книжевниот блог Крајбрежје.мк. Кратко после тоа, ми пристигна веста дека сум добитник на меѓународната награда на клубот Млад Писател од Бугарија, за расказот „Црниот волшебник и белата змија“. И во него, покрај магијата и традицијата, вметнав современи елементи, како што е интернетот. Замислете, волшебник и змија кои комуницираат преку интернет. Си реков, ова изгледа е добро. Веднаш потоа се зафатив со пишување на расказите за Тане. Така и настана оваа книга.

Според визуелниот изглед, книгата ветува многу.  Кои се луѓето одговорни за нејзиното создавање и на која категорија деца им е наменета книгата „Мачорот Тане“?

Главен виновник за излегувањето на книгата „Мачорот Тане“ е Иванка Ниба од Светулка. После три прочитани раскази побара да ѝ испратам сè што имам на таа тема. Мојата првична идеја беше расказите за Тане да бидат серијал од сликовници, но на предлог на Иванка, создадовме збирка раскази. Уредник на книгата е Ана Голејшка Џикова. Благодарение на добиените насоки од Ана, расказите станаа уште пошармантни. Илустрациите ги нацрта Калиопи Трпчева. Сите илустрации ветуваат забава за дечињата. Рецензијата ја напиша Филип Димкоски и како што тој вели, мачорот Тане нè води на авантура во која има многу забава, но и култура.

Книгата е наменета за дечиња од пет до десет години. Мислам дека помладите деца нема да успеат да ги разберат пораките, скриени низ расказите, а тинејџерите нема да сакаат да читаат за мачка – херој. Исто така, книгата може да си ја прочитаат и големите деца, како мене. Сигурна сум дека сите ќе уживаат.

Промоцијата на „Мачотор Тане“ е закажана за втори ноември. Што можат да очекуваат посетителите од самата промоција?

Забава, дружба, загарантирано уживање. Сите кои сме вклучени во промоција се трудиме да ја осмислиме до најситен детаљ. Треба ем да е забавна и интересна за дечињата, ем да им се допадне на возрасните. Промотор на книгата е Звонко Димоски и не се сомневам дека ќе заврши одлична работа. На промоцијата ќе биде присутна и Калиопи Трпчева. Посетителите ќе можат да си ја купат книгата на самата промоција. Истата ќе се одржи во Арт Кафе Апореа, во 17:00 часот.  Деновиве често го добивам прашањето „Дали ќе го носам Тане на промоцја?“ Не, Тане нема да дојде. Но затоа, ќе испрати поздрав за сите присутни, со прекрасна заслада Чоко Тане.

Трети неомври е Ден на ослободувањето на Прилеп. Што му посакувате на Прилеп и од што уште треба да се ослободи?

Прилеп и прилепчани треба да се ослободат од предрасудите и етикетирањата на другите. Градот, како економска единка, треба да се ослободи од угнетувањето на странците. За жал, странците ги црпат ресурсите на Прилеп и го сркаат медот, а на прилепчани не им го оставаат ни отровот од пчелата, туку само убодот и отокот. Потребна е поголема вклученост на младите во сите сфери, особено во културата, но реална вклученост, а не преку некои формални тела кои само си постојат, а немаат никаква активност, ниту некој може да им се обрати. Граѓаните повеќе треба да се освестат за она што се случува околу нив, малку повеќе да се поддржуваат едни со други, да излезат од маалските кафулиња и да се отворат кон чаршијата и пазарот, како срце на градот. Да се грижат за околината, да не фрлаат ѓубре, да се грижат за кучињата скитници, да се запознаат со историјата на својот град бидејќи во Прилеп секоја втора куќа има некое историско минато. Да си го сакаат градот, но со дела, а не со празно чукање в гради.

Разговорот го водеше Филип Димкоски

Би можело да ве интересира

Европски денови на културно наследство – повеќе настани во организација на Завод и Музеј Прилеп

Пела Редакција

„Пролетта не’ мами, на Могила не’ кани“, настан за традиција по повод Цветници

Пела Редакција

Отворена изложба „вилина во простор” на Маја Танева

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе