Разговор со Ана Митоска, сопран
Неодамна одржаниот концерт во Истанбул, беше само повод да поразговараме со прилепчанката Ана Митоска, која како сопран успешно настапува и во сферата на класичната музика, но успева да се оствари и во другите музички жанрови, избирајќи интуитивно, со срцето. Како солист досега остварила соработки со повеќе македонски и европски ансабмли, диригенти, композитори и инструменталисти. Бележи настапи во Македонија, Италија, Хрватска, Турција, Србија и Бугарија во вид на целовечерни солистички концерти, концертни соработки и учества во претстави. За настапите, за музиката, за уметноста и за нејзиниото лично видување но и оставање на сопствена трага разговараме со Ана Митоска, а на крајот од разговорот проследете го ексклузивниот видео материјал од нејзиниот настап во Истанбул, заедно со нејзината колешка Јанинка Невчева.
Koн крајот на минатата 2024 година, во Културно- информативниот центар на Македонија во Истанбул, заедно со пијанистката Јанинка Невчева настапивте како дуо „Консонанс“. Какви впечатоци носите од тој настап?
Со Јанинка одржавме едночасовен концерт во градот кој „никогаш не спие“, градот на седумте ридови, во културниот центар кој се наоѓа во самото негово срце – плоштадот Таксим, во зграда која дише со своја историја и приказна. Настапивме пред прекрасна публика, која не штедеше аплаузи и пофални зборови. Публиката беше срдечна, блиска и на нашата публика на Балканот, особено во Македонија, каде луѓето на концерти се природни и ги искажуваат своите емоции. Меѓу нив бевме добредојдени и се чувствувавме како дома за време на настапот. Меѓу гостите имаше и музичари и луѓе од најразлични професии и драго ми е што успеавме да допреме до нив, а се надевам дека и тие, како и нас, таа ноќ си отидоа по концертот со леснотија во срцето.
Меѓу делата на Бах, Хендел, Ламберт и Калдара, изведовте и дела од македонските композиторки Дарија Андовска и Валентина Велковска Трајановска. Колку ви се предизвик изведбите на македонските композитори и композиторки и како се прифатени од публиката?
Делата од македонски композитор(к)и, морам да кажам дека дури неодамна почнав да ги изведувам, на моја голема радост, зашто ми се предизвик и задоволство, ми откриваат нови нешта кај себеси како музичар, а особено ме радува кога се работи за композиторки кои работат денес, кои лично ги познавам и ги почитувам како професионалци и прекрасни личности. Имам чувство на непосредност и заедништво кога ги изведувам нивните композиции, самиот процес резултира со споделување на моменти, емоции, состојби и една посебна врска меѓу композиторите, нас и публиката при изведбите, кои се одраз на индивидуалноста на нештата но едновремено и го отсликуваат Zeitgeist-от (духот на денешното)…
Сме слушнале ваши изведби во повеќе музички жанрови, од класика, до Вања Лазарова, па музика за театар…При изведбата на кој жанр на музика се чувствувате најисполнето и сметате дека најмногу му припаѓате или тој Ви припаѓа Вам?
Се чувствувам исполнето и благодарно со самиот факт што можам да се занимавам со благородна уметност како музиката, како вокал или преку свирење на инструмент, во сите жанрови сум среќна, а условот или подобро кажано заедничкиот именител е изведеното дело да ми се допаднало и сум пронашла нешто со кое ќе се идентификувам, поврзам на некое ниво за да можам да го интерпретирам – ја ценам неизмерно таа слобода. Денес живееме во ера на многу информации, жанрови, стилови така што за онаа мелодија што допрела до мене и за која сум добила импулс да ја изведам, не сум си поставила никакви ограничувања и се надевам подеднакво и’ припаѓам и ми припаѓа. Уште во детството имав среќа да сум во допир со различни музички стилови, меѓу кои и класика, благодарение на домашната музичка колекција на мајка ми, сметам дека тоа е многу важно и се трудам да не го ограничувам ни моето дете. Достапноста и раниот контакт со различни музички приказни секако влијаел во правец и понатаму да слушам „со отворени уши“ и без предрасуди, да можам да се соживеам со нив. Таа отвореност не само кон музиката туку и кон изведувачките уметности воопшто, која други кај мене ја препознаваат и ја нарекуваат меѓу другото „интердисциплинарност“, или „успех да се задржи некоја своја оригиналност“ ми донесе за мене вредни соработки и пријателства во областа на музиката, театарот, визуелните уметности… и драгоцена можност да ја разберам таа другост и да се идентификувам со неа. Битно ми е, а не можам ни поинаку освен да да му пристапам на секое дело со почит, да го изведам најверно што можам, а потоа е лесно, композицијата без оглед од кој жанр доаѓа, сама кажува како треба да биде изведена.
„Концерт за паметење! Кај тројцата исполнители дојде до израз високиот професионализам и респектниот однос кон музичката класика и кон публиката! Овој музички настан од прва категорија треба да го видат и доживеат и други наши и странски културни средини!“-вака културологот Слободан Беличански го оцени вашиот минатогодишен концерт со Вашиот колега Илија Белистојаноски. Колку ви e важна соработката со колегите од Прилеп и дали градот овозможува културна соработка со уметниците, односно колку е присутна комуникацијата и соработката меѓу вас?
Многу го почитувам Слободан како познавач на музиката, театарот и драг посетител на нашите концерти … Се разбира важни и драгоцени ми се соработките, и со Илија и со сите други музичари, прво преку самиот процес на спремање на концерт, претстава, секој од нас влијае на другиот, добива нова перцепција за тоа како другиот ги гледа и чувствува работите, и тоа нас не’ збогатува како уметници. Досега сум среќна што сум соработувала со музичари од најразлични жанрови кои доаѓаат од различни, често противречни музички светови. Сите светогледи ги почитувам, можам да се поистоветам со нив и во секој од нив наоѓам нешто вредно, нова нијанса, идеја, размислување како треба да се изведе едно дело. Во однос на комуникацијата и соработката меѓу музичарите во Прилеп, градот отсекогаш имал нешто посебно, исконско, постои голем потенцијал и талентирани музичари и уметници, но допрва треба тоа да се развива, пред се’ преку создавање на квалитетни фестивали (овде ќе напоменам: со отвореност кон различни жанрови) и обезбедување на технички можности за да може да се случат тие соработки и истите да имаат смисла и вредност во однос на она што се прави во светот на уметноста денес.
Што си посакувате себе си во новава 2025 година и што им посакувате на нашите читатели?
За сите читатели (и за себеси) посакувам слобода да им се оствари она што во срцето ќе осознаат дека им е најпотребно, во онаа мера во која тоа им е потребно. Среќна 2025, здрави и живи!
За крај на овој наш празничен разговор, благодарение на нашата соговорничка Ана Митоска, ви прикажуваме ексклузивна досега необјавена снимка од изведбата на композицијата „Dandelion“ од македонската композиторка Валентина Велковска Трајановска, изведена од Ана Митоска во придружба на Јанинка Невчева, во ноември 2024 година во Културно информативниот центар на Македонија, во Истанбул. Ви посакуваме пријатно музичко патување.
Разговорот го водеше: Филип Димкоски.