Истражување на Радио Пела: Кaко е третирана културата во македонските медиуми?
По осумдесет години постоење, македонското радио се’ уште ги одржува емисиите „Мозаик“ и „Културна клучалка“ благодарение на малкумина големи професионалци, фанатици и ентузијасти. Но, Македонскатa телевизија, не може да се пофали со тоа. Токму во годината кога го одбележа големиот јубилеј-60 години постоење, Македонската телевизија, во март минатата година ја згасна емисијата за култура „Витраж“ и моментално нема ни една емисија од областа на културата, освен една специјализирана емисија за филм со Миланка Рашиќ.
Културните редакции затворени, новинарите-отпуштени
Дневните весници „Нова Македонија“ и „Слободен печат“ преку своите неделни додатоци за култура „Лик“ и „Културен печат“ се обидуваат на соодветен начин да ги третираат темите од културата и успеваат во тоа, а тука се и мал број интернет портали кои соодветно ги третираат овие теми. Меѓутоа во телевизискиот простор се чини дека се’ помалку има простор за културата. Често, целосно се изоставени вестите од културата, па не може ни да стане збор за начинот на кој таквите теми се третирани.
Сотир Трајков е долгогодишен новинар од областа на културата и до ден денес својата служба ја работи со страст. Трајков во матичната телевизиска куќа ТВ Телма, работи на вестите, подготвува прилози и интервјуа, осврти на театарски претстави, но и други прилози од областа на културата. И по толку години работа, вели дека сѐ уште кон секој прилог пристапува како да му е прв. Но, тој е сериозно загрижен за состојбата на културата воопшто. Во разговорот со нас, тој лоцираше повеќе проблеми и причини за незавидната ситуација.
Последниве десет години културата е маргинализирана во македонското општество. Особено во медиумите. Редакциите се затворени, новинарите отпуштени или задржани и распределени, т.е. им се додаваат и други ресори. И тоа го збунува гледачот или читателот, навикнат на препознатливите лица или пера. Дополнително, од март годинава и јавниот сервис ги укина емисиите, и сè е, па и културата во тој попладневен информативен појас-констатира Трајков.
Натаму како причинители за ваквата општа состојба во културата, Сотир Трајков ги именува и уметниците.
Загрижува односот и на уметниците кој во најмала рака покажува свест на гетоизираност, а не колективна борба за враќање на заслужениот третман на културата во јавниот простор. Зошто реагираат само за промоција на нивните проекти? За неукоста и естрадизацијата на културата преку многу примери, може само да се констатира дека конзумеризмот изеде многу мозоци-вели Трајков.
Последните Дон Кихоти се борат за минута повеќе
Александра Јуруковска, препознатлива како новинарка од областа на културата која сега е вработена во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје, низ годиниве и како новинар, меѓутоа и како литературен критичар, како автор и како модератор има јасни согледби за состојбата на културата во медиумите. Таа смета дека генерално има култура во македонските медиуми, но тоа не е доволно за нејзините вкус и потреби.
Најчесто културата е дадена како преглед, како најава на настан, куса информација. Чест на неколкуте исклучоци и неколкуте медиуми што се синоним, па се и последните бедеми на т.н редакции за култура: Македонско радио, Културен печат (Слободен печат), Нова Македонија, umno.mk, Телма, Република. Се извинувам доколку заборавам некој. За жал, помина времето кога културата се водеше секторски, кога постоеја редакции за култура, кога во нив имаше новинари за посебните области (театар, литература, филм, ликовна уметност), а меѓу нив и извесна хиерархија: репортер, коментатор, критичар, уредник и слично. И меѓу текстовите/прилозите на секој од нив имаше нијанси во тежината и формата на пренесеното, во прашаното во интервју, оценетото со рецензии или критиката-вели Јуруковска.
Згаснувањето на таквите редакции, воочува Јуруковска, и нивното претопување во делот за забава/сцена, утринските емисии или дневните мозаик/магазински тв изданија ја менуваат сликата, па со тоа културата е сведена на обична информација, дневна актуелност, често и само агенциски пренесена, а редовно потисната во сенка на политичките случувања.
Ги разбирам и поддржувам колегите што тоа го прават, тие одамна не можат веќе да работат секторски. Тие денеска се и пред Собрание, и на совет во некоја општина, на крстосница за сообраќајниот хаос, а вечерта треба да покријат изложба, претстава, промоција. Притоа, нешто што јавноста малку знае, а е речиси редовно, е малата голгота што ја поминуваат внатре во својот медиум: молиш за превоз, за минута повеќе со камерата, да не ти ја земат пред настан, да не го повлечат фоторепортерот, кога ќе се вратиш на монтажа и пред затворање на бројот на весникот, да не треба да завршат сите пред тебе, оти нели – културата е на крај!-посочува Јуруковска.
Но, каква е состојбата од другата страна, односно како културните институции ги даваат информациите и колку се задоволни од претставувањето на нивните содржини од страна на медиумите?
Несаканите случки-поинтересни за гледачите, читателите, слушателите…
Позитивни се промените што ги доживува градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, со доаѓањето на новата директорка Снежана Бошевска. И писателите и критичарите и преведувачите кои се чести гости во програмата на библиотеката, како и велешките ученици и наставници кои се вклучени како учесници или како гости на настаните во библиотеката низ разговор искажуваат позитивни впечатоци од соработката со библиотеката. На настаните има публика која е информирана и подготвена за разговори и дебати, односно за активно партиципирање на настаните. Но, нас, овојпат нѐ интересира, како оваа библиотека успева да ја презентира својата работа пред медиумите, колку им е неопходна медиусмката поддршка на културните институции и колкав е интересот од страна на медиумите. Па, побаравме одговор од директорката на библиотеката „Гоце Делчев“ од Велес, Снежана Бошевска.
Целокупната јавност ја информираме за сите настани и активности кои се случуваат во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес преку социјалните мрежи и медиумите. На нашата страница на Фејсбук и веб- страницата ги споделуваме и ги најавуваме сите настани, споделуваме покани за присуство и споделуваме соопштение, известување и слично. Библиотеката има и свој канал на Јутјуб(YouTube) каде што пак споделуваме изработени видеа од активности, проекти или настани- oбјаснува Бошевска.
Велес е еден од градовите во кој не егзистира ниту една локална телевизија. Сепак, како што вели Бошевска, библиотеката има развиено соработка со локалните радио станици и со дописникот на МРТ од Велес.
Во Велес нема телевизиска куќа и има мал број на радио станици. Постојат неколку веб-портали. Со сите имаме одлична соработка, редовно ги покануваме на нашите настани и постои заинтересираност од нивна страна за да ја споделат информацијата. Радио Голди е едно од неколкуте радија со кои имаме соработка. Одлична соработка и неколку вклучувања во живо на МТВ имаме преку новинарот Петар Печков. Сосема сме задоволни од начинот на кој се пренесени темите од култураа во медиумите, меѓутоа за жал поинтересни за јавноста се оние несекојдневни и несакани случувања кои побудуваа поголема љубопитност кај публиката наспроти културните настани, промоции на книги и литературни читања-вели Снежана Бошевска, директорка на библиотеката „Гоце Делчев“ во Велес.
Следењето на културните настани не е само работа …
Александра Јуруковска низ разговорот додаде дека според неа културата не е работа и професија туку начин на живот и дека културата во македонските медиуми опстојува благодарение на неколкуте новинари кои донкихотски се борат за видливоста на овој благороден сегмент од човековото постоење
Конечно, за жал, кај нас и не препознавам медиум со јасна уредувачката политика што не калкулира со рејтинзите и не ја жртвува културата за нив. А секој што барем малку ја разбира културата, никогаш нема да заборави дека таа и кога не носи рејтинг, има влијание! Има и силна образовна моќ, што исто така, некаде го заборавивме или жртвувавме-завршува Јуруковска.
Сепак, без разлика колку е достапна или недостапна културата во медиумите постои добар дел од македонската популација кој сака да посетува разновидни културни настани, а тоа значи дека сака да се информира за истите преку медиумите, има потреба да прочита препорака, критика, осврт, информација…Токму заради тоа потребно е повеќенасочно образование за медимската писменост, за важноста на културата и особено за начинот на кој медиумите ги третираат и ги креираат темите од културата. Културологот и преведувач Звонко Димоски пред претставници од локалните медиуми Радио Пела од Прилеп, Радио Кочани од Кочани и text.mk oд Скопје, одржа работилница наменета за новинарите, медиумските работници и вработените во локалните медиуми. Обуката имаше за цел да ги оспособи учесниците со знаења и комуникациски алатки за афирмативно и креативно претставување на културното и историското наследство, како и да ги запознае со начините за промоција на локалните заедници во кои делуваат, преку создавање на иновативни и интерактивни стратегии за ангажман на публиката.
Дискутирано беше значењето на уметноста, културата и традицијата во медиумската комуникација, како и начините преку кои локалните медиуми можат да ги надминат културните и општествените бариери. Учесниците, преку тематски работилници, студии на случај и визуелни примери од успешни локални и меѓународни практики, работеа на подобрување на нивната креативна комуникација, како и врз идентификување начини за интегрирање на уметноста во нивните медиумски платформи, како и зајакнување на локалниот идентитет преку медиумите-објаснува Димоски.
Поткастите не можат да ги заменат традиционалните медиуми
Инаку, Димоски смета дека состојбата со информирањето и третирањето на културата во македонските медиуми е прилично ограничена и централизирана, и се карактеризира со неколку не многу позитивни трендови и предизвици.
Најголемиот предизвик со којшто тековно се соочува нашата култура, во однос на нејзината медиумска застапеност, е токму преголемата естрадизација на медиумскиот простор на телевизиите и радијата со национална фреквенција. Модел, што за жал, сѐ почесто го следат и локалните медуми. Ова значи дека пречесто, минливи трендови, пројави и просечни творци и интелектуалци се преставуваат и наметнуваат како влијателни и значајни за заедничката култура, што пак напати е лакомо помогнато од индустријализацијата на одредени култури области. Кај нас, чинам дека тоа е најочигледно во литературата-смета Димоски кој слично ја Јуруковска, го забележува недостатокот на коментари, анализи или авторски осврт на новинарот/новинарката или на редакцијата за култура доколку воопшто постои во медиумот.
Тој смета дека социјалните медиуми и поткастите веќе исполнуваат значителен дел од празнианта за културните содржини и пробуваат да имаат значајна улога во трансформацијата на културната медиумска сцена во Македонија, но вели дека не смее да се занемари фактот дека нивното создавање и креирање често е наменско, со свесна намера за популаризација на одредена група или појава.
Нивното делување често е фокусирано на многу мала целна група или популација, и исто така, можат да имаат и негативно влијание врз културата преку ширење на неквалитетни или неточни информации. Затоа, сѐ уште е важно поголемите медиуми да ја преземат одговорноста, и како канали за масовна комуникација да се потрудат повторно да шират квалитетни, точни и разновидни информации и анализи за културата, како и за нејзиното влијание врз сите социјални и општествени групи во земјата-заклучува Димоски.
И повторно, слично со ставот на Јуруковска, Димоски укажува на недостатокот на подлабока анализа во презентирањето на културата, покритички однос кон тие што ја создаваат како и дебата за контекстуализацијата на значењето и влијанието на тековната уметност врз нашата заедничка културна меморија и развој.
Недостатокот од професионални и објективни културни работници оди во прилог на регресивниот развој на културната сцена, како и претходно споменатата естрадизација на културата. Понатаму, поголема застапеност на независните авангардни уметници, такви кои преку свесно замислената провокација, водат кон активен дијалог и делување од една страна, и поголема поддршка за иновативни и експериментални форми на уметност, кои поседуваат интелектуален капацитет за атрактивно оживување на културното наследство како континуиран културен код. И секако децентрализација во културното известување, односно застапеност на творци и настани од внатрешноста и руралните средини, како и содржини со фокус на младата популација-подвлекува Димоски.
Според посетеноста на културните настани во Скопје, како и интересот на граѓаните за следење на културните настани низ другите градови на Македонија, јасно е дека кога еден настан е добро претставен во медиумите, публиката пројавува голем интерес. Исто така еден незанемарлив дел од граѓаните на Македонија, има потреба од културно-уметнички настани, но и од такви содржини во медиумите, меѓутоа заради актуелните состојби во културата тој дел од жителите е лишен од информации и содржини од областа на културата и уметноста, како и од присуство на настани од ваков карактер. Практично, македонското општество го отфрла тој дел од граѓаните односно не нуди можности и содржини за нивна културна социјализација.
Радио Пела како локален прилепски медиум, ги повикува нашите читатели од Прилеп, но и од другите градови, да го споделат со нас нивното мислење во врска со темата која ја обработуваме во оваа сторија. Вашите ставови можете да ги испратите на нашата електронска адреса: [email protected] a ние, со ваша дозвола ќе ги обзнаниме јавно.
Пишува: Филип Димкоски