-3.3 C
Прилеп
недела, 12 јануари, 2025
Пела Радио

Концертот со песни на Пинк Флојд во Прилеп, за мене има посебно емотивно значење

Разговор со Христијан Ристески, гитарист од Прилеп кој живее во Скопје

Во ова зимско затишје по  празниците, кога Христијан одмора од настапите и од часовите по гитара што ги држи, се сретнавме да поразговараме за неговите музички авантури создадени благодарение на неговата голема љубов и посветеност кон музиката. Во овој пресек од времето и просторот тој работи како професор во приватното музичко училиште MusicLab во Скопје, а свири во два кавер  бендови Bandix и South Park. Тој е прилепчанец кој живее и работи во Скопје, а  музиката и животот го носат на разни места низ светот, но сепак, често и со радост му се навраќа на родниот град.

Ти ја одбра гитарата или таа те одбра тебе. Како се случи љубовта меѓу тебе и неа?

Мојот татко е голем вљубеник во музика и гитара, претпоставувам дека ја наследив таа страст од него. А моментот кога сфатив дека сакам да сум музичар/гитарист беше кога ги слушнав Queen, Brian May е вториот виновник  после татко ми.

Колку твоето академско музичко образование, ти помогна во оформувањето како уметник?

Искрено, не можам да кажам дека тогаш ФМУ Скопје имаше добра студиска програма. Но, имав среќа и можност да учам од Зоран Костадиновски(мојот ментор кога бев апсолвент) и Иван Иванов(проф. по импровизација, ансамбл итн.). Тоа се двајца прекрасни уметници, дефинитивно многу важни за мојот уметнички развој.

Планираше да бидеш келнер во скопските кафулиња додека да се снајдеш  во музичкиот свет, но постоењето понуди подобра опција за тебе што ти ја искористи. Раскажи ни за твоето искуство да се биде музичар на крузер…

Прв пат бев на различни места низ Европа, запознав луѓе од многу различни култури, а воедно ми беше и прва можност да имам настапи во континуитет – што кај нас на Балканот е речиси невозможно. Развив пријателства за цел живот, што за мене е бесценето. Едно малку откачено и несекојдневно искуство што сметам дека беше припрема за понатамошните животни предизвици.

Кои досегашни музички достигања би ги издвоил?

Tribute to Pink Floyd во Прилеп со моите луѓе на сцена и мојот народ во публика. High hopes им ја посветив на моите родители, па затоа емотивно сум многу врзан за тој настап. Chromatic Point во античкиот театар во Пловдив беше истотака доживување што не се опишува. Настапот со Il Divo во Борис Трајковски бидејќи Andrew Small(Massive attack, Moloko, Kylie Minogue..) беше зад тапаните, а јас од дете сум голем фан на нивната музика, особено Massive Attack.

Важиш за скромен човек, кој е максимално посветен на музиката која искрено ја љубеш. Маана или доблест е да се биде скормен денес?

Благодарам на комплиментите. Сметам дека скромноста е доблест како човечка особина бидејќи го држи човечкото его под контрола. Во денешно време битно да е човек трудољубив и да гради искуство за да ја зголемува својата самодоверба. Секако, треба да се биде претпазлив бидејќи самодовербата многу често околу нас е погрешно толкувана како ароганција или претенциозност.

Важиш за уметник кој лесно се вклопува во разни уметнички состави, но жонглира и со повеќе музички правци. Во кој музички жанр Христијан е најмногу Христијан?

Сите музички правци ги гледам како различни дијалекти на еден универзален јазик, претпоставувам затоа не се ограничив себеси жанровски. Отсекогаш ме фасцинираше концептот на fusion, бидејќи црпи инспирација од сѐ што постои на светот како стил и израз. За жал одамна не сум имал можност да го свирам, но fusion би бил одговорот веројатно.

Живееш во Скопје. Што беше пресудно да го напуштиш родниот Прилеп?

Во Скопје студирав, и по дипломирањето често сум бил на релација Прилеп-Скопје. Пресудно да одлучам да живеам таму беше можноста да сум музичар 24/7, што во мојот роден град е невозможно.

Би се вратил ли во Прилеп?

Се трудам да доаѓам на гости кај моите колку што можам почесто, бидејќи за Прилеп ме врзуваат многу драги луѓе. Би се вратил можеби, доколку одлучам еден ден да не се занимавам со музика професионално.

Настапуваш во скопски бенд, но често и со други бендови низ Македонија. Кои се твоите музички планови за 2025?

Ангажманите со бендовите и работата со деца ми одземаат доста од времето. Би сакал во 2025та да имам повеќе време да се вратам на вежбање на инструментот и да се фокусирам на мојата музика. Предизвиците се сѐ поголеми во последниве години за издавање на авторска музика, па се надевам конечно ќе имам можност да објавам нешто авторско, долго време идеите ми стојат во „фиока”.

 

 

Разговорот го водеше Филип Димкоски

 

 

 

 

 

 

Би можело да ве интересира

Одбележан 11 мај Денот на сообраќајната култура во Прилеп – Заедно можеме да создадеме побезбеден сообраќај за сите!

Гордана Цветаноска

Ташкоски: Негувањето на македонскиот мелос е наш аманет (Видео + Фото)

Никола Димески

Денеска и утре второ пријавување за упис во средните училишта

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе