Разговор со Владимир Здравески, визуелен уметник од Прилеп кој живее во Скопје
Уметникот секогаш живее заради уметноста, но прилично сложено е да живее од неа. Кај многумина жарот станува пепел заради многу причини. Тие што успеваат да го одржат жарот во огништето жив, се оние кои преку своите дела оставаат искри во нашите очи. Не е доволно да се сака, не е доволно да се заврши училиште за дадената дарба…Треба да се твори во континуитет, да не се преестанува, да се бара инспирацијата и да се „заробува“ во рамка, во кадар…Владимир Здравески целиот свој живот е во постојана дружба со уметноста. Познат уште од најмала возраст кога како основношколец ги црташе портретите на познатите. Како спомен од неговото творештво од средношколските денови, на Факултетот за музичка уметност виси портретот на Гоце Коларовски, изработен од Владимир, како и денешното лого на гимназијата „Мирче Ацев“. Очекувано, следеше и успех за време на неговите студии по сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде се закити со наградата „Борко Лазески“. Творечкиот пат по дипломирањето го продолжува со континуирано творештво, со изложби и со постојано трагање за инспирацијата и за формата…Повеќе прочитајте во разговорот што следи.
Кои се темите што сега го окупираат Вашето творештво?
Не би рекол дека имам конкретни теми кои ме окупираат воопшто за време на креативен процес. Најчесто се стремам да бидам на одредена “бранова должина“ каде преовладуваат идеи кои ги опфаќаат процесите и системите во природата, процесите и системите во нас, вон нас, на телесно и вон телесно ниво и оттаму да успеам да „уловам“ некоја идеја и да помогнам да биде реализирана.
Колку е инспиративен животот во главниот град?
Секој човек како социјално-емоционално битие секогаш успева да ги воочи и позитивните и негативните страни на секоја средина, град, село и.т.н. Секојдневието е доста динамично тука и во тоа ја наоѓам убавината. Јас се стремам да сум наклонет кон позитивните случувања во овој град, кои знаат да бидат инспиративни.
Се повеќе се зборува за навлегувањето на вештачката интелигенција во разни форми на живеење во современието. Дали за Вас, ВИ е страв, предизвик или можеби сосема нешто друго.
– Сметам дека ВИ може да биде страшна, може да биде предизвик, а и нешто друго. Но, исто така сметам дека човекот доколку се потпре на виситнските етички и морални вредности за време на оваа ултра брза технолошка ера, би немало некои страшни последици. А кога станува збор за уметноста и ВИ, сметам дека одговорноста ја има секој уметник како ќе ја третира неа во неговото секојдневие. И кога била измислена фотографијата во боја, веројатно за многу уметници тоа било крајот на сликарството, но времето докажа дека тоа не било воопшто така.
Автор сте на неколку самостојни изложби, но сте учествувале и на повеќе групни изложби во Македонија и на меѓународно ниво. Каде е македонската ликовна уметност во однос, на балканската, на европската, на светската?
– Мислам дека македонската уметност котира рамно со балканската, европската, па и светската сцена. Луѓето кои го следат уметничкиот свет се свесни дека од оваа земја излегле и излегуваат силни автори кои активно творат. Меѓудругото, кога станува збор за денешната популарна светска сцена и релацијата помеѓу уметникот и Арт маркетот на светско ниво денес, тогаш опфаќаме друга според мене „неуметничка“ тема за која не сакам да зборувам.
Во 2019 година, Факултетот за ликовни уметности ве наградува со наградата „Борко Лазески“ за инвентивни достигнувања во областа на сликарството. Што значи да се добие награда што го носи името на еден од првите апстрактни сликари во Македонија, а притоа и Ваш сограѓанин?
-Велат наградата е признание за она во што веруваш. Во овој случај беше и голема мотивација бидејќи ја добив за време на студиите. Oсобено задоволство и чест е кога знаеш дека си роден во истиот град на Лазески кој остави значаен белег за македонската уметност, како и доказ дека големината на искрениот уметнички израз не препознава граници.
Сега сте илустратор во најпознатата продукција за деца кај нас „Светот на Биби“. Пренесете ни Ве молам, малку од таа магија на создавањето на илустрации и воопшто продукти за деца…
Кога работите со и за деца, знаете дека ја имате најискрената и најчистата мисија во животот, а тоа е да ги видите среќни и насмеани нивните лица. Но исто така ја имате најодговорната задача бидејќи работите со најчистите и најискрени срца кои не можете да ги прелажете, а и не смеете, бидејќи тие се иднината на која работиме. Продукцијата „ Светот на Биби“ сметам дека одлично ја врши оваа задача. Како илустратор сум само една алка од тимот кој веќе неколку години ја врши својата работа одлично, а доказ за тоа се успесите постигнати тука во Македонија и надвор од неа, потврда се многуте милиони прегледи на епизодите кои се преведени и емитувани на многу јазици низ Европа.
2025 година е на самиот почеток, па што може да очекуваме од Вашата креативна ликовна лабораторија годинава?
-Истражувањата во „лабораторијата“ продолжуваат. Се надевам дека оваа година ќе се дореализираат веќе „уловените“ идеи, па доколку останатите планови и услови се на моја страна ќе има и што да се сподели.
Разговорот го водеше Филип Димкоски