Филип Николски е наш сограѓанин, кој Прилеп го препознава по неговиот квалитетен вокал, но и по неговата ведрина и харизматичност. Тој е номиниран на листата “13 Величествени” на традиционалниот избор што го прави Радио Пела според предлозите на граѓаните на Прилеп.
Минатата 2024 година беше особено успешна за него, затоа што песната „Само на добро нека е“ која тој ја испеа и ја прикажа со прекрасен спот во 2022 година, минатата година доживеа преработка од страна на популарната македонска музичка група „Меморија“ и беше изведена на големиот концерт во Скопје, со кој групата одбележа 40 години постоење.
Може да се каже дека оваа прекрасна песна која стекна популарност меѓу македонската публика, е целосно прилепски продукт со тоа што музиката и аранжманот се на Рубин Димкоски кој сега е гитарист во групата „Меморија“, а текстот го напиша Душко Темелкоски, а во продукција на Фан продукција-Пилата.
Филип според бројот на гласовите на нашата анкета 13 величествени котира високо и се наоѓа на третото место.
Во краткиот разговор со него, тој ни ракажа за впечатоците од концертот на „Меморија“, за создавањето на песната „Само на добро нека е“ која стана хит, но ни најави и нова песна во 2025!
Ф.Д.