Со претставата „Роња“ во продукција на Тетатарот за деца и младинци од Скопје, в понеделник на 17 февруари ќе започне „Недела на театарот“ по повод одбележувањето на 75 години од формирањето на Народниот театар „Војдан Чернодински“ од Прилеп.
Ќе бидат прикажани седум претстави, а ќе се одржи и панел дискусија насловена „Од Кир Јања“ до „Ученикот“. Освен претставите „Ученикот“ и „Бура“ во продукција на „Војдан Чернодрински“, ќе се претстават и Театарот за деца и младинци од Скопје, независниот театар „Златен елец“, Велешкиот театар, Народниот театар од Битола и МТЦ Зона.
Театар „Војдан Чернодрински“ низ децениите растејќи, развивајќи се преку претставите отвораше вистински прашања, коментираше, просветлуваше, возбудуваше, откриваше, воспоставуваше систем на вредности, брануваше. Така е и сега, но и ќе продолжи во таа насока, бидејќи како што велат актерите тоа што го работат го работат со љубов и посветеност и покрај неповолните услови за работа.
Првата премиера на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ е „Кир Јања“ од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски.
Досега театарот прикажал околу 350 премиери со над 7000 претстави кои ги гледале над 1,7 милиони луѓе.
Режирале 70 режисери, од кои најмногу, дури 62 претстави биле потпишани од Благоја Дамески, потоа 24 од Коле Ангеловски, и од поновата историја, 15 претстави режирал Кирил Петрески. Најмногу од авторите е поставуван Нушиќ, 15 пати, од кои три пати „Нажалена фамилија“.
Во седумипол децениското опстојување, најгледаната претстава во театарот „Војдан Чернодрински“ е „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски, премиера во 1984 година, изведена над 110 пати. Веднаш по неа е „Од кол на кол 1“(2007/2008), исто во режија на Коле Ангеловски.
Најголем успех театарот го постигна со „Тапани во ноќта“, режија Мартин Кочовски, со која освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“(2009).Исто така „Кавкаскиот круг со креда“ во режија на Мартин Кочовски, во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот Екс Понто во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Театарот „Војдан Чернодрински“ низ годините на сцената поставуваше праизведби на текстови од македонски драмски автори. Низ летописот на театарот е забележано дека првиот драмски текст од македонски автор игран на сцената е „Бегалка“ во режија на Аце Михајловски, реализиран уште првата година од постоењето на театарот, текст кој што бил поставуван уште неколку пати. Празиведби доживеале и драмските текстови од Коле Чашуле, Томе Арсовски, Блаже Алексоски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески итн… Биле поставува пиеси од Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Блаже Миневски, Никола Јонков Вапцаров, Живко Чинго, Братислав Димитров, Бранко Илиески…
Фото: архива НТ „Војдан Чернодрински“