Во соработка со Црвен Крст на Македонија, Општина Прилеп утре, (среда)19 март, организира крводарителска акција под мотото “Да даруваме крв, да спасиме живот“ и “Да помогнеме заедно“ Крводарителската акција ќе се одржи во општинската зграда, од 09:00 до 14:00 часот и секој кој сака да ја дарува крв е добредојден, затоа што крвта како лек, е сè уште незаменлива.
Инаку, оваа е редовна крводарителска акција која се организира најчесто на 17 март ,по повод Ден на крводарителството, односно денот на основањето на Црвен крст на Република Македонија. Годишните потреби за крв во Р.М се 55.000 единици крв, велат од Црвениот Крст на Македонија.
Доброволното крводарителство во Република Македонија има една единствена цел, а таа е да се мотивираат што поголем број на луѓе кои треба доброволно да даруваат крв за да може да се соберат потребните количини на крв и крвни продукти кои се неопходни за лекување на болните и повредените. Крводарителството ги развива особините на хуманост и солидарност кај граѓаните, а особено кај младите, придонесува за подигнување на нивото на здравствената култура и јавната свест. Од тие причини мотивирањето на населението за доброволно дарување на крв е исклучително важно за градење позитивен однос кон крводарувањето.
Крвта како лек е сè уште незаменлива и нејзиното добивање исклучиво зависи од добрата волја на луѓето крводарители, кои доброволно, анонимно, бесплатно и солидарно даруваат крв.