Осмото по ред издание на литературно-културолошкиот концепт „Процеп во процес“, кој го иницираше и реализира Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп ќе се одржи денеска, петок 9 мај од 19.00 часот ќе се одржи со промоција на романот „Светот што го избрав“, од Калина Малеска, кој ја понесе престижната награда „Роман на годината“ за 2024 година.
Промоторка на романот ќе биде поетесата Лина Димоска, која на непосреден начин, со свое лично видување и непретенциозно излагање, ќе се обиде да ги воведе присутните во делото и да им го приближи истото, со цел дополнително да ги заинтригира за содржината на делото.
„Светот што го избрав“ е наративно понирање во внатрешната трасформација на главниот лик од четивото – Леона, која низ својот живот доживувала перманентна променливост на личниот идентитет поради нејзината карактерна несигурност. Таа идентитетска неконзистентност флуктуира преку нејзиниот однос и контакти како со луѓето, така и со просторот.
Комисијата од наградата „Роман на годината“, која ја доделува Фондација „Славко Јаневски“, во образложението за доделувањето на наградата на Малеска за „Светот што го избрав“ потенцираше: „Станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори. Кус, концизен, маестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни се наметнал избор што не само не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага“, стои во образложението на жирито.
Модератор на промоцијата е Александар Еленин.