По невремето кое го зафати регионот, прилепското поле осамна посиромашно за цела реколта од тутун, пипер, житни култури што ги сомле градот со големина на орев во полн налет од северен ветер во атарите на селата Мало и Големо Коњари, Кадино село, како и дел од Варош. Разочараните земјоделци, по втор пат за две седмици, со жалење се соочуваат со штетите од невремето.
– Во мојот живот прв пат вакво невреме гледам со толку силен град. Непогодата беше вкупно 20 тина минути, во целост со град поголем и од орев. Штетата е невидена досега. Имам насадено 30 декари тутун годинава, ИМАВ, а сега немам ништо. Штетата е над 100 отсто уништено, повеќе нема ни лист да се скине од ова. Во килограми пресметано според очекувањата штетата изнесува околу 5 до 6 тони тутун, а пресметката може секој да ја направи. Целиот тутун ми беше насаден само на една локација – месност викана Орде Чопела, вели Страшо Ацески, тутунар од Мало Коњари кој апелира до локалната власт да ги обесштети и да им помогне, зашто велат дека тоа е единствената надеж за да може да опстанат до наредната реколта.
– Апел до власта, до градоначалникот, да излезе на терен комисијата и да ги обесштети тутунопроизводителите, оти ова е катастрофа. Исто така имаме и пипер и тие се целосно уништени. Не е осигурано речиси ништо поради недостиг од пари, но и од недовербата кон осигурителните компании, вели Марјан Настески од Мало Коњари.
Земјоделците имаат големи забелешки кон осигурителните компании, но и кон власта.
– Јас имам 3 хектари под пипер и исто како и кај тутунопроизводители, станува збор за целосно уништено производство. Имаме нешто осигурано, иако претходните години не бевме задоволни од проценките. Јас осигурам секоја година, ги молиме компаниите и властите да поводат контрола во работата на осигурителните компании зашто не сме обесштетени како што треба. Ова сега треба да биде 100 отсто обесштетено, а не 10, 20, 50 или 70 отсто. Од минатите години не сме баш задоволни од проценката на штетата од страна на осигурителните компании, а ова го кажувам од искуство зашто осигурам 10 до 12 години редовно, вели Александар Мицаноски, земјоделец од Мало Коњари.
Од здружението на тутунопроизводители „Мице Козар“ велат дека треба да се промени моделот на осигурување во земјоделството.
– Ние бараме да се врати стариот модел на осигурување, како што беше пред 10 години и повеќе. Да се осигурува тутунот задолжително со секој склучен договор, а за полисата да му се запре износот на тутунарот при предавање на производството, вели Тони Аљакоски претседател на Здружение на тутунопроизводители „Мице Козар“ Прилеп.
Општинската комисија веднаш по невремето излезе на терен за првични проценки.
– По ова што го констатиравме утре веднаш комисијата за елементарни непогоди ќе одржи седница и веднаш ќе оформи посебна комисија за настанатата штета. Исто како и претходното невреме зафатени се атарите на селата Мало и Големо Коњари, месноста викана Орде Чопела и дел од атарот на Варош со околу 100 хектари површина под земјоделски култури, рече Жарко Северкоски, претседател на општинската комисија за проценка на штети при елементарни непогоди.
– Апелирам од утре натаму земјоделците да подигнат барања од пријавницата при Општина Прилеп и да ги доставуваат комплетирани со копија од имотен лист или договор за закуп, копија од лична карта и трансакциска сметка, за што побрзо да излеземе на терен за проценка на штетата, рече Зоран Пачешкоски, претседател на стручната комисија за проценка на штети, воедно раководител на подрачната единица на МЗШВ.
Земјоделците спасот не го гледаат во осигурителните полиси и компании, зашто мислат дека доправа довербата нема да се врати. Единствен спас е, како што велат тие, активирање на противградобијните системи, каков што беше до пред 10 тина години во Тополчани.