Откупот на тутунот се одвива во полн ек. На само 8 денови од стартот на предвременото преземање на реколтата, со работа започнаа сите 9 откупни компании со 90 отсто од пријавените пунктови на целата територија од Македонија. Заклучно со 22 ноември, откупени се 1 300 тони ориентален тутун по просечна цена од околу 200 денари за килограм. Засега, велат од Сојузот на здруженија на тутунопроизводителите, нема забелешки од страна на тутунарите за текот на откупот.
– Нема пријавени проблеми од страна на тутунарите за изминатиов период од една седмица од почетокот на откупот. Оформени се второстепените комисии за евентуални забелешки, но досега се тече во најдобар ред. Најважно е што сите откупувачи ги отворија вратите за преземање на реколтата. Очекуваме просечната откупна цена да се движи по нагорна линија, со оглед на тоа што тутунарите во најголем дел ги предаваат долните берби кои се со пониска цена според договорите, вели Кире Неделковски, претседател на Сојузот на здруженија на тутунопроизводители.
Веќе до крајот на неделава откупната кампања ќе се интензивира со отворање на сите пријавени пунктови и ваги од страна на компаниите, а според најавите во Сојузот, неколку од откупувачите дополнително ќе работат и во сабота. Деветте регистрирани компании кои имаат склучено 29.132 договори за оваа реколта, пријавиле вкупно 149 откупни пунктови во сите производни региони во земјава. Исплатата на средствата од предаденото производство се одвива од три до седум работни дена по преземањето на тутунот од страна на откупувачите.
следна вест