Весело, разбранувано, во прекрасен амбиент, со избрана музика од повеќе жанрови (Нино Величковски и неговите тамбураши, Гоце Бошкоски-Чоки и „Фортисимо бенд“, The Hounds), со вкус на топол чај и варено вино прилепчани ја испратија старата и пречекаа Нова Година на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“.
Во раскошот на новогодишниот огномет, во топлите прегратки во мигот кога се преклопија стрелките од часовникот и новогодишното небо симболично го славеше доаѓањето на 2019-та, си разменија милиони желби за добро здравје, среќа, успеси лични и семејни, спокој и убавини во секој ден од новата година.
Градоначалникот Илија Јованоски во свое и од името на Општина Прилеп во новогодишната честитка на плоштадот „Методија Андонов Ченто“испрати најубави желби и најави продолжување на успешната соработка со своите сограѓани.
И двајцата пратеници Кети Смилеска и Хари Локвенец кои што ја пречекаа Нова Година на плоштадот, испратија новогодишни пораки до сите граѓани.
Додека новогодишната забава со изборот музика на Dj Dave Schwartz и Dj Alek Young продолжи на плоштадот, градоначалникот Јованоски ги посети дежурните служби во градот, кои што се грижат за безбедноста и здравјето на сите граѓани.
Во Службата за итна медицинска екипа, го пречекаа мобилните екипи и директорката на Здравен дом, Оливера Аџиоска во чии рамки функционира оваа служба. Честитајќи им ја Нова Година, градоначалникот Јованоски се интересираше за состојбата во градот, во новогодишната ноќ од здравствен аспект и воопшто за функционирањето на оваа здравствена установа од витално значење за градот.
Според раководителот на службата д-р Гордана Николоска Димоска, новогодишната беше мирна ноќ во Прилеп.
Во Прилеп имавме мирна новогодишна ноќ и според дежурната екипа во Прилепската полиција. Во присуство на командирот Кире Спиркоски, дежурните полицајци го известија градоначалникот Јованоски, дека новогодишната ноќ изминува мирно, без проблеми и инциденти.
До 3 часот по полноќ дежурната екипа во Територијалната противпожарна единица, имала само една помала интервенција на ул. Марксова, предизвикана поради неисчистени оџачки канали. Но, со итната и стручна интервенција на искусните пожарникари, спречен е пожар.
Градоначалникот Јованоски на сите дежурни екипи, покрај новогодишната честитка им даде и скромни подароци од Општина Прилеп.
претходна вест
следна вест