Дејан Проданоски, претседател на Советот на Општина Прилеп и претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп упати порака по повод најголемиот национален празник Илинден во која се вели:
Прославувајќи го денешниот голем празник 2 Август, имаме извонредна можност да им изразиме благодарност и да им оддадеме почит на хероите кои поминале низ тешки премрежја во минатото, бранејќи ги идеалите на македонскиот народ. Токму во двата Илиндена, оној во 1903 и другиот во 1944 година, кои се поврзани со Илинденското востание и заседанието на АСНОМ, најдобро се пресликува вечната идеја за самостојна, независна и суверена Република Македонија.
Преку животот, делото и саможртвата на илинденците и на асномците се поставија цврстите темели врз кои се развива и опстојува нашата држава. Ако борбата на нашите предци беше борба за слободата, државноста и независноста, нашата борба е борба зачување на придобивките од минатото и градење современа, просперитетна и економски силна држава во која ќе сакаат да живеат сегашните и идните генерации. Македонија низ историјата опстојувала поради цврстата желба да се истрае низ сите бури и да се биде свој на своето. Ние Македонците отсекогаш сме ги почитувале различните од нас без да дозволиме некој да го негира нашето постоење и нашата посебност. На нас останува да го чуваме она што ни го оставија како аманет, великаните пред нас. Нека е вечно делото на двата Илиндена 1903 и 1944 година! Нека е вечна нашата татковина Република Македонија!