28.2 C
Прилеп
вторник, 23 јуни, 2026
Пела Радио

Имате бизнис идеја? Проверете кои се условите за грант средства од јавниот повик на АВРМ

Новиот јавен повик што го објави Агенцијата за вработување на Република Македонија е нова можност за невработените лица од општините Прилеп, Долнени и Кривогаштани кои имаат бизнис идеја и сакаат да започнат сопствен бизнис да аплицираат за финансиска поддршка од најмалку 7 илјади евра за лица над 29 годишна возраст, или 10 илјади евра за млади до 29 години. Заинтересираните може и да се здружуваат во ДОО (друштво со ограничена одговорност) и на таков начин се зголемува и финансиската поддршка.

Во рамките на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2026 година, објавена е Програмата 1.1 Поддршка за самовработување (претприемништво) за невработени лица над 29 години. Право на учество во програмата имаат невработени лица со најмалку завршено средно образование, а особено се охрабруваат да аплицираат:

  • невработени лица со попреченост;
  • корисници на гарантирана минимална помош над 29 години;
  • невработени лица над 29 години (мажи до 60 години и жени до 58 години);
  • жени жртви на родово базирано и семејно насилство;
  • лица кои сакаат да го формализираат својот неформален бизнис;
  • невработени лица од ромската заедница;
  • невработени лица повратници од странство.

Програмата обезбедува задолжителна обука за претприемништво и развивање бизнис вештини, ваучерска поддршка за изработка на бизнис план и регистрација на компанија, како и неповратни средства во износ до 430.500 денари со вклучен ДДВ.

Грантот е наменет за набавка на опрема и материјали потребни за започнување на дејноста, согласно одобрениот бизнис план. За одредени категории корисници е предвидена и дополнителна менторска поддршка во период од шест месеци по основањето на бизнисот.

Заинтересираните треба да се пријават во Центарот за вработување Прилеп, каде што можат да добијат подетални информации за условите и постапката за аплицирање.

Рокот за поднесување на пријавите е до 3 јули 2026 година.

Кандидатите задолжително треба да имаат активна електронска адреса, а право на учество немаат лица кои во минатото добиле грант за самовработување, како и лица кои во последните 12 месеци биле основачи и управители на фирма во истата дејност за која аплицираат.

Преку програмата нема да се поддржуваат бизниси во дејностите такси превоз, финансиски и осигурителни услуги, игри на среќа, приватни агенции за вработување, како и одредени земјоделски дејности, освен во случаите предвидени за лица со попреченост и жени од рурални средини.

За повеќе информации заинтересираните да се обратат во Центрите за вработување, преку контакт центарот на Агенцијата за вработување или на нивната официјална веб-страница.

Би можело да ве интересира

Фудбалерките на ФК Победа во ревиален натпревар на светиниколскиот турнир во мали фудбал

Пионерските фудбалски шампиони на приватната школа „Тони“, на прием кај градоначалникот

НИЗ ФОТОГРАФИИ: И, оние кои „шараа„ денес чистеа заедно со прилепскиот градоначалник

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе