CSS Template

Како обилните дождови ќе се одразат врз земјоделството?

160
Avtokontrol1

Поројниот дожд, кој што во прилепска Пелагонија, во изминативе 24 часа достигна и до 50 тина литри на метар квадратен, споредбено по сектори најповолно ќе се одрази врз поледелството. За одгледувачите на житни култури, бидејќи жетвата заврши, долго очекуваните обилни врнежи, ќе значат можност навремено да се обработат земјоделските површини, стрништата, како подготовка за наредната реколта. Овој прекин на долготрајната суша ќе даде прилика поледелците да влезат во нивите за обработка на парцелите.
Во ек на развој на градинарските култури, дождот е добредојден, велат земјоделците, но во зависност од тоа колку често и на каков начин се вршело досегашното наводнување на истите. Градинарите ќе треба да обрнат внимание на одводувањето на вишокот од вода од парцелите, но и на заштитата на растението, бидејќи во секој случај, неизбежна ќе биде фолијарната заштита од болести кои најчесто се јавуваат при поголемо количество на вода.

Дождот неповолно ќе се одрази врз тутунопроизводството, велат од Институтот за тутун на оние парцели каде што досега, или непосредно пред почетокот на врнежите биле наводнувани. Ова особено, доколку тутунот е во фаза на процветување, така што ќе се предизвика забрзан раст и развој на растението, што ќе го намали квалитетот. На земјоделските површини каде нема можност за наводнување, во долненско на пример и делови од прилепско, врнежите се добредојдени за тутунопроизводството.

Во секој случај, најавата за неколку дневни врнежи, кои дневно ќе донесат 30 тина литри на метар квадратен е доволен аларм за сите земјоделци да ги одржуваат одводните канали на своите парцели, со цел да ја испуштаат водата од нивите да не дојде до заезерување на површините. Од Водостопанство Прилепско поле, претпријатие задолжено за одржување на примарната и секундарната одводна мрежа во прилепско, велат дека засега нема проблем со одводните канали и покрај големото количество на вода. Водостоите на реките се пораст, така што нивото на Црна река денеска белeжи и тројно зголемување, во споредба со пред почетокот на врнежите, но поради долготрајната суша, засега, нема опасност од излевање.
Инаку, според синоптичарите, врнежите ќе продолжат до сабота, со дневен талог од околу 35 литри на м2.


semm
Vivafarm
Farma Dolneni