Со усвојувањето на новата Регулатива за заштита на лични податоци од страна на ЕУ обврзани се сите земји членки, но и оние земји кои се кандидати за да станат дел од Европската унија, како Македонија, да ја почитуваат легислативата и да го прилагодат своето законодавство.
Здружението на новинарите деновиве во Прилеп реализаше семинар на тема „Заштита на лични податоци и медиумите– споделување на добри практики за безбедно новинарство “. Повод е токму најавата за новата легислатива од ЕУ која што ќе биде напорна за спроведување дури и во богатите земји членки, а камо ли во Македонија. Но, новите директиви за заштита на приватноста и личните податоци се навистина една голема борба која ЕУ подолго време ја војуваше со гиганти како што се Гугл, Фејсбук и други технолошки компании и Македонија ќе мора да се прилагоди.
Медиумите ќе бидат клучни во периодот што следува, затоа што информацијата започнува токму од медиумите кои ги пренесуваат пораките.
– Новинарите немаат проблем да препознаат што се лични податоци. Но, имаат проблем да го препознаат и најпосле да го признаат начелото на приватност. Не ја разбираат воопшто регулативата, ниту пак на некое филозофско ниво можат да демонстрираат било какво разбирање на тие процеси – таква е за жал состојбата. Прекршувањето на овие начела најдобро се демонстрира во форматот во кој се известува т.е. сензационализам, така нарачени „кликбајт“ наслови, извештаите за самоубиство каде лесно може да се идентификува жртвата и дополнително да се трауматизираат семејствата. Има многу примери, но јасно е дека се потребни реформи не само во средината, што подразбира средување и на легислативата и на инфраструктурата, туку и одредени мерки кои ќе подразбираат малку интервенции во мислечката култура кај новинарите, вели Сашка Цветковска, истражувачки новинар.
ЗНМ работилницата ја реализира во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер. Стана збор за стандардите за заштита на податоците воведени со новата Општа регулатива за заштита на личните податоци, со посебен акцент на заштита на новинарите од одговорност при објавување на информации. Покрај новинари на работилницата учествуваа и адвокати, а беше ангажиран експерт за заштита на личните податоци, како и еден претставник на медиумите.