Прилеп денеска одбележува 154 години од раѓањето на револуционерот Ѓорче Петров. Активностите започнаа со положување на свежо цвеќе пред бистата на професорот, публицист, историчар, и идеолог на Македонската револуционерна организација во центарот на Прилеп.
Средното училиште „Ѓорче Петров“ по повод 2 ри април денот на раѓањето на својот патрон со низа активности:спортски натпревари, литературно читање го одбележува празникот. Воедно, денеска со почеток во 17.00 часот во НТ „Војдан Чернодрински“по повод патрониот празник ќе се одржи Свечена академија посветена на ликот и делото на големиот револуционер.
Ѓорче Петров, неговото целосно име е Георги Петров Николов бил професор, публицист, историчар, идеолог на Македонската револуционерна организација.
Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип.
Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО . Член на Централен комитет на МРО. Бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија(1897–1901). Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес.
Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Член на Привременото претставништво на бившата ВМРО, противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција. Ѓорче Петров бил убиен по наредба на Тодор Александров на 21 јуни 1921 година во Софија, Бугарија.