1.3 C
Прилеп
понеделник, 23 декември, 2024
Пела Радио

Тутунски ги награди најдобрите работници

Традицијата продолжува – Тутунски Комбинат АД Прилеп во соработка со Синдикалната организација, по повод Денот на тутунските работници, додели награди за најдобрите работници. Златник и парични награди добија вкупно четворица.
За дводецениски работен анганжман и лојалност на Комбинатот златник, согласно традицијата, доби Александар Волнароски.
– Моето семејство е поврзано со Комбинатот. Татко ми своевремено работеше, беше прв човек на компанијата. Мислам дека Комбинатот има иднина и напредок, особено сега со „Филип Морис“. Се надевам дека компанијата ќе биде една од најуспешните како што беше порано. И тутунопроизводството има иднина, отсекогаш било така во Прилеп, рече Волнароски при доделувањето на признанието.
Со награди за својата посветеност во работата, на своето работно место по избор на колегите и предлог на Синдикалната организација скромна парична поддршка од компанијата добија: Али Ахмедоски од погонот „Тутун“, Методија Костоски од погонот „Цигари“ и Сашо Тренкоски од заедничките служби (холдинг).
Сите, без исклучок беа со една мисла – дека Комбинатот има иднина и дека е на вистинскиот пат.
– Работам во секторот за логистика и му посакувам барем уште сто години успешно да работи. Сепак, ние сме фирма со традиција и со „педигре“. Заеднички сме со светски познатата компанија „Филип Морис“. Помалку сме, но има зголемен обем на работа. Среќни сме и редовно земаме плата, вели Сашо Тренкоски, комерцијалист во Комбинатот со 32 години искуство.
Потврда дека прилепскиот тутунски комбинат е на вистинската насока доаѓа и од првиот човек Кирил Станкоски, кој честитајќи го празникот вели дека како резултат на партнерството со „Филип Морис“ намален е бројот на вработени, но ефективноста е значително зголемена.
– Откупот од ланската реколта успешно го завршивме и откупениот род во целост е исплатен. Со нашиот стратегиски партнер „Филип Морис“ веќе склучивме договор за продажба на целата откупена реколта. Во погонот на фабриката за цигари го имаме секој месец производството на премиум брендот „Марлборо“. Постојано ги обновуваме развојните планови. За тутунската индустрија постои добра иднина. При крај сме со склучувањето договори со кооперантите за годинашнава реколта. Планот е склучени договори со околу 4.000 кооперанти за производство на 3.000 тони тутун, рече Станкоски.
Тутунски Комбинат АД Прилеп во моментов работно ангажира околу 390 лица, од кои 140 се сезонски работници. Во погонот Цигарна реализирани се по подолго време 50 нови вработувања на неопределено време, а за прв пат по 10 години платите се зголемиле како резултат на подобрената ефикасност во работењето.

По повод 4 ти април Денот на тутунските работници во паркот пред управната зграда наградените работници засадија зимзелени украсни дрвја.

Би можело да ве интересира

Што градот му нуди на бизнис секторот?! Бизнисмените дебатираа по повеќе прашања на седницата на Економскиот Совет на Општина Прилеп

Елизабета Филипоска

Лозарите од Тиквешијата не го предаваат родот за понижувачка цена (ВИДЕО)

Гордана Цветаноска

Венци и цвеќе по повод роденденот на Гоце Делчев

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе