По повод 15 години постоење на Здружението на воени резервни обврзници (ЗВРО) учесници во конфликтот 2001/2002 денеска членовите на ова здружение и градоначалникот Илија Јованоски го посетија Меморијалниот центар во село Лениште. Со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите во конфликтот и на починатите бранители по конфликтот. Пред спомен плочата положија свежи цвеќиња и засадија 15 зимзелени дрвја во чест на јубилејот.
„ Здружението на воени резервни обврзници е прво формирано по воениот конфликт. А,овој Меморијален центар претставува место близу до црквата „Света Петка“ на кое имаме засадено симболично 5.000 илјади дрвја, што зборуваат за 5.000 бранители од Прилеп, коишто се отповикаа на поканата да го бранат суверенитетот и интегритетот на Република Македонија“, рече Рубин Секулоски, претседател на ЗВРО.
Градоначалникот Јованоски во оваа пригода, рече дека почитта и споменот на жртвите во воениот конфликт, останува засекогаш.
„Честитки за 12-годишното постоење на Меморијалниот центар направен од нив, да не се заборави 2001 година, тие поминати 16 години од конфликтот во 2001. Да се сеќаваат на нивните семејства, на граѓаните и на сè што се случило тогаш. Честитам за нивниот напор да го одржат ова здружение. Иако имало притисоци, се јавувале нови здруженија коишто им биле пречка во нивното дејствување, тие секогаш позитивно влијаеле врз настаните во државата“, рече градоначалникот Јованоски.
Градоначалникот ги посети бранителите од ЗВРО и во нивните простории, каде што разговараа за проблемите со кои што се соочуваат, а при тоа даде поддршка во нивните активности и планови.