Група од 50-тина деца, најдобрите ученици во основното и средно образование во Општина Прилеп, Општина Долнени и Општина Кривогаштани, од различни целни групи и истакнати деца членови на Детската Амбасада, ќе се дружат и запознаат со врсници од Љубљана.
Децата во Република Словенија ќе ги сумираат вредностите на демократското општество на една држава членка на Европската Унија, како и запознавање со културното и историско минато на оваа земја, негувањето на традицијата и општествените вредности во мултикултурното општество, со посета на прекрасните градови Љубљана, Блед и националниот парк Бохин, каде ќе ја посетат и Македонската амбасада и ќе бидат примени од Амбасадорот Н.Е. г-ѓа Сузана Зеленковска.
Со Проектот „Градиме мостови на пријателство“ заложбата на Детската амбасада е дружење и запознавање со деца од другите држави за градење на искрени пријателства меѓу народите.
Во изминатиов период од овие години, Детска Амбасада организираше посети на Република Србија, Република Хрватска, Романија, Република Грција, Република Бугарија, Федерацијата на Босна и Херцеговина, Република Турција, Република Италија, Светата Столица – Ватикан, Република Австрија, Република Словачка, Република Унгарија и други држави.
Оваа година е четиринаесетти пат откако започна Проектот „Градиме мостови на пријателство“ кога прв пат децата на Република Србија (тогаш Србија и Црна Гора) ги преминаа државните граници и дојдоа на заедничко дружење со децата од Македонија на прекрасниот Пелистер во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот.