11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Богата програма за Фестивалот „Пеце Атанасовски“

На 5 и на 6 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени ќе се одржи јубилејното, 45-то издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. И оваа година планирани се низа активности: работилница, семинар, симпозиум на теми поврзани со изучување и надополнување на знаењата за изворниот мелос. Работилница за изучување на изворните песни и инструменти во Спомен-куќата на Пеце Атанасовски во Долнени започнува на 1-ви јули и учество ќе земат 13-ина млади, вљубеници во изворниот мелос.
Новина е што семинарот ќе се одржува теренски, со посета на работилница за изработка на изворните инструменти, како и средините во Долнени и во Прилеп каде со векови се негувал изворниот мелос.
Официјалното отворање на фестивалот е в петок, на 5ти јули. Од 19 часот во центарот на Прилеп е традиционалното дефиле на учесниците кои пред граѓаните ќе ја навестат манифестацијата, својата умешност во изучувањето и зачувувањето на изворниот мелос. Фестивалот свечено ќе биде отворен од 20 часот, што е и првата вечер на летната сцена на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп, каде пред вљубениците на изворниот мелос ќе се претстават дел од учесниците. Според најавите на организаторот, на фестивалот ќе учествуваат околу 350 изведувачи на изворните инструменти, гајдата, кавалот, тапанот и на изворните песни од цела Македонија и учесници од Бугарија.
В сабота, на 7 јули, од 11 часот во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков’ во Прилеп ќе се одржи симпозиум со еминентни научни работници на тема „Фолклорот во минатото и денес“. Воедно, ќе биде промовиран и Зборникот на трудови на етнолози и научни работници за изворниот мелос.
В сабота, од 19 часот на Рудина кај Долнени е втората фестивалска вечер каде ќе настапат учесниците на ова, јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. На крајот, ќе бидат прогласени најдобрите и ќе биде врачена наградата за најдобар гајдаџија, гајдата на Пеце Атанасовски што ја доделува општина Долнени.
За сите заинтересирани за следењето на Фестивалот на Рудина кај Долнени е организиран бесплатен превоз. Тргнувањето е в сабота на 7 јули од 18 часот пред Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.
– И на ова јубилејно издание на единствениот од ваков вид Фестивал во земјава ќе се потврди фактот дека улогата на Фестивалот е да го зачува, да го негува и да ја поттикне љубовта кај новите генерации за богатиот изворен македонски мелос, дел од богатото фолклорно културно наследство на Македонија, нагласува професор д-р Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот.

Би можело да ве интересира

Прилепскиот театар со премиера на „Глембаеви“ до крајот на месецов

Гордана Цветаноска

Признание за Филип Димкоски на 23 тите Пелагониски културно научни средби

Гордана Цветаноска

(Видео) Вечер со унгарски песни и танци-прилепчани уживаа

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе