Денеска во Спомен куќата на Пеце Атанасоски ,во с. Долнени, во рамките на фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“ ,официјално започна едукативната работилница „Доближување на децата до фолклорот“, на која учествуваа 10-тина ученици, желни за осознавање на својата традиција и фолклорно минато.
Оваа година семинарот го води м-р Горан Василески, со чија помош во учениците , утре (02.07 2019) ќе реализираат и теренско истражување, низ неколку прилепски села, каде директно учесниците на семинарот ќе можат да се запознаат и да осознаат за музичката традиција на овој регион, вклучувајќи ги народните инструменти, песни, ора, народната носија, разни свадбени обичаи, празнувања и сл.
Инаку, официјално, на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ ќе почне в петок со традиционалното дефиле на учесниците низ центарот на Прилеп. На него ќе учествуваат околу 350 исполнители на изворниот мелос од целата држава, а најавени се и гости од соседните земји.
Фестивалот свечено ќе биде отворен од 20 часот, што е и првата фестивалска вечер, на летната сцена на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп, каде пред вљубениците на изворниот мелос ќе се претстават дел од учесниците.
На 7 јули во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи симпозиум со еминентни научни работници на тема „Фолклорот во минатото и денес“. Ќе биде промовиран и Зборникот на трудови на етнолози и научни работници за изворниот мелос. А,во сабота, на Рудина, кај Долнени и официјално ќе се одржи фестивалска вечер каде ќе настапат учесниците, на ова, јубилејно, 45 издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Фестивалот има натпреварувачки карактер .На најдобрите ќе им бидат врачени награди,а гран при наградата е за најдобар гајдаџија, која ја добива наградата „гајдата на Пеце Атанасовски“ што ја доделува општина Долнени.