Последниот од шесте натпревари во суперфиналето од Европскиот куп во параглајдинг за 2019 година кои се одржуваат во текот на една натпреварувачка сезона, денеска и утре ќе се одржи во Прилеп.
На суперфиналето учество ќе земат педесетина натпреварувачи од 13 земји: Русија, Латвија, Словенија, Србија, Романија, Косово, Албанија, Бугарија, Кипар, Чешка, Велика Британија, Холандија и Македонија.
Клубот за екстремни спортови Скај рајдерс од Прилеп е организатор на супер-финалето од Европскиот куп во параглајдинг за оваа 2019 година. На полетувалиштето на Мечкин Камен, Крушево ќе се одржуваат натпреварите за титула, а параглајдеристите кои се сместени во Прилеп ќе слетуваат во близина на селото Алданци.
Дека станува збор за исклучително квалитетно натпреварување, покажува и податокот дека меѓу учесниците се наоѓаат и светскиот и европскиот првак во прецизно слетување, како и словенечкиот пилот Антон Свољшак, кој се’ уште го држи рекордот со 4 последователни резултати „нула“.
На учесниците во суперфиналето добредојде во Прилеп и успешно натпреварување им посака градоначалникот Илија Јованоски, кој истакна дека резултатите кои ги постигнуваат прилепските параглајдеристи придонесоа Прилеп да заземе важно место на европската и светската мапа, кога е во прашање параглајдингот.
„Како град се гордееме со постигнатите резултати на нашите клубови и параглајдеристи, бидејќи неколкумина од нив се наоѓаат во самиот врв на светската ранг листа. На сите вас ви посакувам пријатен престој во нашиот град, убави временски услови за натпревар, пријатен лет и безбедно слетување на целта“, истакна градоначалникот Јованоски.
В недела на најдобрите ќе им бидат доделени признанија и трофеи.