Македонските работници лани заработувале во просек по 3,2 евра на час, што е минимум три пати помалку од развиените европски земји, каде саатот се плаќа и по десетина евра.
Но, ова е бруто-заработувачката која ја вади државната статистика, односно во оваа „саатница“ влегуваат и парите за придонеси и други давачки со кои се оптоварени платите во земјава. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат разлики во заработувачката на час која ја имаат мажите и жените во земјава. Па така ако просечната бруто заработувачка лани во октомври изнесувала 197 денари, просекот кај мажите е 212 денари, а кај жените е понизок и изнесува 179 денари.
Податоците покажуваат дека просечната годишна бруо заработувачка по работник лани изнесувала 448.884 денари или 7.298 евра. Или само во еден месец, октомври 2018 година македонските работници во просек бруто заработиле 36.522 денари или 594 евра. Но, од оваа сума 11.640 денари или 189 денари се социјалните придонеси, па како нето на сметка на работниците легнувале во просек по 405 евра или 24.907 денари.
Но, математиката покажува дека има драстични разлики во заработувачите на различните професии во земјава. Најплатени се директорите и функционерите. Па така членовите на законодавните и извршните тела, државните функционери, раководните државни службеници, дипломатите и директорите, биле за над два пати подобри во заработувачката од просекот. Лани тие имале просечна бруто заработувачка од 1.056.88 денар или 17.185 евра, додека пак часот им бил платен по 452 денари или 7,3 евра.