0.8 C
Прилеп
вторник, 24 декември, 2024
Пела Радио

Комплексот Маркови Кули – чекор поблиску до постојаната листа на УНЕСКО

Маркови кули, локалитет од исклучително значење за Прилеп и Македонија, се подготвува за подигнување на нивото на заштита на просторот, на неговата автохтона природа, културните, историски и археолошки обележја. Целта е просторот на површина од околу 4 илјади хектари, третиран како мешовито природно – културно добро да се најде на постојаната листа на УНЕСКО.

Во тек се последните подготовки за утврдување на двата клучни документи кои ќе ги гарантираат начинот, опсегот на заштита и управување со комплексот Маркови Кули. По направените подготовки, Јавната научна установа Институт за старословенска култура Прилеп ќе организира две јавни расправи за утврдување на планот и стратегијата за управување со комплексот Маркови Кули.

Со усвојување на овие два документи, Маркови Кули ќе бидат чекор поблиску до листата на заштитени подрачја на УНЕСКО. Првата од јавните расправи во организација на  Институтот за старословенска култура и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се одржи в петок, 31 јануари, во големата сала на Општина Прилеп.

– Првиот е оценка за животната средина на просторот на Марковите Кули.Тоа е документ кој што во најголема мерка ги детектира можните проблеми во иднина при планирање на заштитата и ставањето во функција на ова подрачје. Додека вториот документ,  е планот за управување, кој што има два основни сегменти. Првиот сегмент на планот за управување со споменикот Маркови Кули се однесува на идентификување и валоризирање на природните содржини и културните вредности на овој простор. При тоа, од особено значење е целосно, прецизно и егзактно во рамките на досегашните стручно научни постапки, валоризирање на овие две клучни содржини на овој простор.Вториот сегмент од планот за управување, се однесува на активностите поврзани со управувањето на овој простор, вели Бранислав Ристески, директор на Јавната научна установа Институт за старословенска култура Прилеп.

Според нацрт документот за управување, определени се 4 основни зони на делување, секоја со различен степен на заштита во зависност од концентрацијата на содржините – природни и културни. Воедно, набележани се активностите за наредниот 10 то годишен период.

– Првенствено е значењето на заштитата на автентичните вредности на овој простор, но не помалку значајно е нивно доистражување, максимално валоризирање и ставање во функција во секој поглед, значи од аспект на туризам, на стопанство и друго.Овие содржини во нацрт документите се дадени со можност во текот на јавната расправа да се надополнат, бидејќи сите партиципиенти на овој простор имаат можност, од свој аспект да постават одредени барања и дополнувања . Со тоа би добиле еден документ кој што во наредните 10 години би бил суштествен и би ги регулирал сите аспекти на користењето на овој простор, почнувајќи од најбанално физичко користење до најсуштествено – истражувачко, спознајно, па се до оној степен сознанијата и  патеките на осознавање на просторот и формите на негово користење би биле во крајна линија ставени во функција на позиционирање на постојната листа на УНЕСКО, посочува Ристески.

Веќе 15 години, од 2005 та година споменикот на природата Маркови Кули се наоѓа на привремената листа на УНЕСКО. Овој период, според Ристески, бил доволен за локалитетот Маркови Кули да се подготви на постојаната листа. Настојувањата на Институтот за старословенска култура се комплексот да биде позициониран како мешовито добро, и и тоа природно и културно. Имено, освен споменикот на природата Маркови Кули, на овој простор се позиционирани вкупно 9 споменици на културата како што се: исклучителниот манастирски комплекс Трескавец, црквата Успение на Пресвета Богородица, манастирот Свети Архангел Михаил, црквите Свети Димитрија, црквата Свети Никола, како и горните делови, односно акрополата на средновековниот Прилеп, потоа цивилниот сегмент на средновековниот Прилеп. Сите овие содржини даваат вистинска можност и подлога за Маркови Кули да се најде на постојаната листа на УНЕСКО.
По двете јавни расправи, кои треба да завршат до средината на февруари, со внесувањето на сите арументирани забелешки и надополнувањето, особено на нацрт-планот за управување, Министерството за животна средина и просторно планирање е обврзано финалната верзија да ја одобри за натамошно усвојување. Усвојувањето го врши Институтот за старословенска култура кој управува со просторот. На седница на Советот, Институтот го усвојува планот за управување, по што станува законска рамка за управување со заштитеното подрачје.

Би можело да ве интересира

Ќе се врши дезинсекција во Прилеп и населените места

Пела Редакција

Нов асфалт доби и улицата „Андон Слабејко“

Елизабета Филипоска

Советот на општина Крушево ја одржа 61 та седница

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе