5.1 C
Прилеп
недела, 22 декември, 2024
Пела Радио

Македонскиот јазик – два пати меѓу избраните во светот

Со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија на денешен ден, 5 мај, 1945 година, е усвоена азбуката на македонскиот јазик. По два месеца, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

Денот на македонскот јазик,  се одбележува втора година, а Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (ИМЈ) електронски ќе објави десет книги за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.

Низ историјата:
До 10 век македонскиот јазик користел различни други писма, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста. Токму развојот на денешната македонска азбука, датира со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем.
Така, од 9 тиот па сè до 19 тиот век македонскиот јазик ги користел следните азбуки: глаголица, кирилица, црковно-македонско писмо, илинденска азбука.

– Во деветтиот век браќата Кирил и Методиј, со помош на глаголицата, како оригинално писмо, ги превеле црковните книги на јазикот на македонските Словени од околината на градот Солун (во науката познат како старословенски и старомакедонски). Со благослов на папата, овој јазик станува четвртиот признат јазик во светот што е достоен за Библијата и за Бога, вели проф.д-р Елена Јованова – Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје .

По многу векови, со прогласувањето на Федерална Македонија како држава, АСНОМ, на своето Прво заседание на 2 август 1944 година, донесува решение за воведувањето на македонскиот како службен јазик. Со објавувањето на македонската азбука на 5 мај и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година од Народната влада на Федерална Македонија, се случува кодификација на современиот македонски литературен јазик. Така, македонскиот јазик повторно се вбројува во избраните јазици на светот.
Нашиот великан Блаже Конески, чиј што заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една пригода рекол дека ,,Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.
Со решение на АСНОМ од 2 август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.
Усовршувањето и приспособувањето на македонскиот пишан систем и постепено поедноставување на црковномакедонското писмо започнало во XIX век со појавата на поедноставната илинденска азбука, која, пак, довела до оформување на македонската преродбеничка азбука за на крај да се создаде стандардната македонска азбука.
Во XX век имало и обид за запишување на македонскиот јазик и со латинична азбука, т.н. македонска абецедарска азбука, која не зела широки размери и останала на локално ниво во Егејска Македонија.
Најбогатиот период во поглед на развојот на стандардната македонска азбука е периодот на преродбата, поточно од средината на XIX век до почетокот на XX век. Во овој период голем број македонски интелектуалци вршеле реформи за поедноставување на македонската илинденска азбука и со тоа стандардизирање на македонскиот правопис.

Денес:
По повод 5 Мај – Денот на македонскот јазик, којшто се одбележува втора година, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (ИМЈ) електронски ќе објави десет книги за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.
Тоа се книгите „За македонскиот јазик“, книга 11 од Посебните изданија на ИМЈ, објавена во 1978 година под редакција на Тодор Димитровски, на Блаже Конески и на Трајко Стаматоски, Осум зборници (почнувајќи од книга 2) од едицијата „Денови на Благоја Корубин“, основач и главен редактор, Снежана Велковска (најновите зборници ги има на веб-страната на Институтот, а останатите електронски недостапни изданија се во подготовка за објавување), Фототипско издание на „Речникот на презимињата кај Македонците“, во два тома (од 1994 и 2001 година) од авторите Марија Коробар-Белчева, Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски и под редакција на Трајко Стаматоски (кому на овој начин ИМЈ му го одбележува 95. роденден).

– Со пиетет се потсетуваме на сите претходници, кои, со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е визионерот што прв ја обзнани азбуката, нашиот патрон Крсте Мисирков, кој нè потсетува дека „јазикот е наше духовно благо“, зашто „јазикот е средство со кое ние познаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот соговорник“. Тука задолжително ќе го споменеме кодификаторот на македонскиот јазик, најголемиот афирматор на македонската азбука, правопис и речник, нашиот омилен професор Блаже Конески, кој ни порача „јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“, наведува директорката на ИМЈ „Крсте Мисирков“ по повод Денот на македонскиот јазик.

Македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик, со кое на македонски јазик се напишани и објавени илјадници книги што се читаат од Македонците, но и од припадници на другите нации кај нас и по светот.
Светот признава постоење на над 6. 500 јазици. Само неколку стотини од нив се издигнале на ниво на службен јазик на еден народ во една држава, а јазикот на Македонците е еден од избраните.
Македонскиот јазик ќе живее се додека ги почитуваме стандардите и формите за негово говорење и пишување. Електронската комуникација, брзиот начин на живот ги разјадуваат темелите на македонскиот пишан збор од внатре, исто како што негациите за неговото постоење доаѓаат од соседството. Затоа, да си го почитуваме македонскиот јазик, да го негуваме и да го развиваме.

Би можело да ве интересира

Попладнево земјотрес почувствуван во Прилеп и Битола

Елизабета Филипоска

Привремено вработените во прилепската болница бараат трајно вработување (ВИДЕО)

Пела Редакција

Стартува јавниот градски превоз, но со вонредна линија и ограничување на бројот на патници

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе