2.2 C
Прилеп
сабота, 23 ноември, 2024
Пела Радио

Св. Кирил и Методиј и личната жртва и посветеност за издигнување на словенските народи од мракот на неписменоста

На денот кога го празнуваме споменот на сесловенските просветители:

„Еве, ни светна, христољупци, светлозрачниот спомен на нашиот преблажен отец Кирил, нов апостол и учител на сите земји, којшто огреа на земјата како сонце со вистинска вера и убавина, како сонце на трисушното божество, осветлувајќи го сиот свет… На словенскиот народ, којшто беше во незнаење и греовен мрак, по милоста и човекољубието на Господа нашиот Исус Христос, му стана пастир и учител…“

(извадок од словото „Похвала на нашиот блажен татко и учител словенски Кирил Философ“ од свети Климент Охридски).

Почитта која нивниот најблизок ученик и соработник и продолжувач на нивното дело – свети Климент Охридски, ја покажува кон нив, нé мотивира и ние да сме постојано свесни за големите жртви што овие двајца рамноапостолни мажи ги дале за напредокот на словенскиот род.  Во нивното дело се обистинува мислата дека „Жртвата е единствената мерка за љубовта“. Во овој текст нема да се осврнуваме на описот на нивните ангажмани во Моравската мисија, која е иницијатор за појавата на словенската писменост, литература и култура, ниту на нивните биографии.

Самиот факт дека историјата на словенската писменост започнува со делото на светите браќа Кирил и Методиј, ни говори за нивната голема жртва за ближниот. Познавајќи ја најголемата заповед на Христа дека: Нема поголема љубов од онаа – да се положи душата за своите пријатели“ во овој текст ќе говориме токму за нивната лична жртва и посветеност во духот на љубовта.

Да се откажеш од сета овоземна слава, чест и раскош, да ги презреш сите општествени титули и да се посветиш на духовното и просветителското издигнување на словенските народи од мракот на неписменоста и безбожништвото, не е нешто што секојдневно се случува. Лесно е да се раскажува за жртвата како за приказна дека во едно време, двајца надарени луѓе ја составиле азбуката, ги превеле книгите и ги описмениле Словените.

Лесно е да се раскажува како за нешто најприродно – дека тие истите ги оставиле сите убавини на овој свет, дека се откажале и од семеен живот во името на напредокот на едно поголемо семејство. Лесно е за раскажување, а тешко за исполнување. За тоа треба големо човекољубие, но и голема борба со себе и со вообичаените човечки потреби и навики.

Да, навистина, Светите браќа се извонредно учени луѓе, од калибар кој денес ретко се среќава. И токму нивната ученост им ги отворила срцата за љубов и жртва. Никој не е предодреден за нешто, било да е тоа добро или зло. Сé е плод на човековит труд и определба.

Бидејќи Бог е Творец на сѐ, Тој помеѓу ангелите и животните го создал човекот, кого го одвоил од животните со дарот на словото и мислата, а од ангелите со гневот и телесната страст. И кон што тој повеќе се приближува, така се приопштува кон пониските или кон повисоките“.  Ова е една ексклузивна мисла, со која свети Кирил ја образложува нивната определба.

Ништо не ја надоместува духовната радост кога човек успеал, трудејќи се да ги победи минливите овоземни потреби, да направи дело со кое ќе ја обележи светлата историја на еден народ. Во тој случај, жртвата не се мери со кантарот на овоземните вредности. Управникот на Брегалничката област – Методиј и професорот по философија во Високата Магнаурска школа во Цариград –  Кирил, токму низ своите научни ангажмани ја спознале вистинската мисија на верата во Бога, науката и философијата во вреднувањето на квалитетот на животот и односот кон вредностите:

„Философијата му помага на човекот да ги разбере Божјите и човечките работи, и да се научи на дело да биде образ и подобие на својот Творец, и колку е можно, да се приближи до Бога“. (Свети Кирил Философ). Според тоа, јасно е зошто и како се откажале од сите светски почести, свили и порфири и ги повеле Словените кон духовниот и културниот напредок. Па затоа:

„ …ако ги запрашаш словенските книжевници велејќи: – Кој ви ја создал азбуката и ви ги превел книгите? – сите знаат и ќе одговорат: – Свети Константин Философ, наречен Кирил, тој ни ја создаде азбуката и ни ги преведе книгите и брат му Методиј…“ (извадок од трактатот „О писменех“ – За буквите од Црноризец Храбар), правејќи нé со тоа нас – Словените свои најблиски.

Зашто, да му обезбедиш прогледување на еден народ и да му дадеш кредибилитет на тоа дело во услови кога било оспорувано од злонамерници е дело достојно не само за почит, туку и за поклон до земја пред оние кои докажале дека човекот го надминува времето со квалитетот на делата што ги остава зад себе. Свети Кирил до свои четириесет и две години и неговиот брат свети Методиј до шеесет и пет години живот на земјава, оставиле зад себе три успешни мисии и многу среќни човечки лица.

Затоа, со право Светите браќа се нарекуваат „еднакви по дух со апостолите и учители на словенските земји“, кои се достојни да застанат пред Бога со молба „словенските народи да ги утврди во православието и едномисленоста, да го смири светот и да ги спаси нашите души“. Ние, како Словени треба да сме среќни што имаме вакви застапници пред Бога и пред светот.

Пишува проф. по македонски јазик и литература, Билјана Тинтоска

Би можело да ве интересира

„Училишта од 21 век“ меѓу кои и три прилепски

Гордана Цветаноска

Без дилема, утре почнува учебната година

Гордана Цветаноска

СОНК го стави штрајкот во мирување, учениците од утре на настава

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе