0.8 C
Прилеп
среда, 25 декември, 2024
Пела Радио

Национализација во време на КОВИД-19: логично решение за излез од кризата

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош. Државата им излезе во пресрет, ги национализираше нивните загуби за време на корона-кризата, но време е да почне сериозно да размислува да ги национализира и нивните профити, барем делумно, откако кризата ќе помине.

Во време на војни и кризи како моменталната, се наметнува инструментот на национализаиција на приватна сопственост во рамки на државниот интерес. Моменталната здравствена, а и економска криза, веќе директно повикува на заштита на работните места и економијата преку алатката на национализација.

Национализацијата е правен инструмент со кој државата презема во своја сопственост некој приватен имот, т.е. средство. Таа е легален и легитимен правен инструмент на кој има право секоја влада. Регулирана е и со резолуција на ООН, број 1803, од 1962 година, која вели:

„Национализацијата, експропријацијата или одземањето треба да бидат базирани на резон на јавна корисност, безбедност или национален интерес кои се позначајни од лични или приватни интереси, било домашни или странски“.

Но, во последните 50 години аплоготетите на капитализмот гласно реагираат на самото споменување на национализацијата. Приватната сопственост ја издигнуваат на ниво на „света крава“, без разлика колку некоја фирма му штети на јавниот интерес (градежна неконтролирана експанзија), ги крши работничките права или ѝ штети на природата со своето неконтролирано загадување.

Сепак, национализацијата како институција на преземање на приватна сопственост во државни раце, не е непозната ниту непостоечка ни во капитализмот.

Национализацијата низ историјата

Национализацијата често се поврзува со марксистичката теорија бидејќи таа масовно било применувана за време на Октомвриската револуција во Русија. Но таа е сепак постара од марксизмот. Првите примери на национализација се од втората половина на 19-тиот век и тоа од лулката на капитализмот, Велика Британија. Во 1858 година британската влада ја национализира East India Company, а во 1875 Суецкиот канал. Во периодот до Првата светска војна има повеќе примери за национализација, пред сè на железниците, во Франција, Германија, Италија и во други земји.

За време на двете светски војни и подоцна, примерите уште повеќе растат, поради тешкотиите во кои запаѓаат многу компании како последица од војните, но и поради соработка на одредени компании со непријателот. Познат е примерот од 1917 година, кога американската влада ја национализира фармацевтската компанија Merck & Co., поради соработка со Германија против која САД веќе влегле во војна, како и национализацијата на францускиот производител на автомобили Рено од 1945, од истите причини.

Благодарејќи на национализацијата на тешката индустрија во децениите по Втората светска војна, Австрија станува држава со најбрзо растечка економија во Европа. Во1956 година египетскиот претседател Гамал Абдел Насер го национализирал Суецкиот канал кој претходно бил во двојна сопственост на Велика Британија и Франција додека во 1971 година Сенатот на Чиле ја одобрил предложената национализација на рудниците на бакар од страна на претседателот Салвадор Аљенде.

Nacionalizacija vo vreme na KOVID 19 logicno resenie za izlez od krizataИзвор: irl.mk

Првите примери на национализација во Македонија се случуваат по Втората светска војна кога приватните фабрики се национализираат со цел да се подигне економијата и да се имплементира социјалистичкото уредување. Транзициониот капиталистички систем го донесе Законот за денационализација во 1998 година, но и реториката дека приватната сопственост е светост над општеството, државата и основните човекови животни потреби.

Национализацијата во време на корона

Но, поентата на овој текст не е да дискутираме општо за национализацијата или за национализацијата во македонски контекст, туку како КОВИД-19 кризата ја поттурна оваа институција уште повеќе на сцена како едно од најлогичните решенија за економската криза која веќе излегува на површина.

Во март 2020 година италијанската влада одлучи да го ренационализира националниот авио превозник Алиталиа. Компанијата која е основана во 1946 година, со години се бореше со нерентабилност и неуспешни преземања од групации како холандскиот КЛМ и Ер Франс (Air France). На крајот, дополнително поттикната од економската криза поради пандемијата, италијанската влада одлучи да си го врати еден од националните симболи дома со финансиска инјекција од 600 милиони евра.

Додека француската влада отворено размислува за времена национализација на фабрики кои имаат финансиски проблеми, Германија во која слободата на пазарот е цврста мантра, полека тргнува кон национализација по стапките на Италија. Германскиот министер за финансии Вамбах предлага повторно да се вклучи пакетот мерки за спас на економијата наречен Wirtschaftsfonds Deutschland (Германски економски фонд) кој ги спаси германските компании во кризата од 2008 година. Овој пакет мерки предвидува директен капитал за подобрување на ликвидноста на фирмите за да ја преживеат кризата. Ако не е национализација, тогаш е државен интервенционизам. Националниот превозник Луфтханза кој од 760 авиони колку што брои оваа флота, приземји 700, веќе преговара со германската влада за државна помош на компанијата која е целосно приватизирана. Истиот случај е и со Брисел Ерлајнс (Brussels Airlines) кој е дел од групацијата на Луфтханза. За да ја преживее кризата, оваа компанија ја разгледува опцијата да побара ржавна помош, а ренационализацијата не е исклучена како можност.

Во групата на ЕУ земји кои одлучија времени или целосни национализации се наоѓа и Шпанија. Владата на социјалистот Педро Санчез ги национализираше сите болници и снабдувачи на медицински услуги како мерка за заштита на земјата од кризата. Ирска го следеше примерот и исто така ги национализираше приватните болници за времетраењето на кризата.

Национализацијата не е тема само во оваа криза, туку се појавува и во секоја криза. За време на претходната голема економска криза, од 2007-2008, Америка привремено национализираше неколку финансиски институции како Fannie Mae, Freddie Mac, Citigroup, Bank of America, AIG, но и други компании, како Џенерал Моторс.

Национализација на македонски начин

Македонската држава ја дочека економската криза која ја создаде пандемијата, неподготвена и целосно предадена на неолибералниот модел на економија. Мерките кои државата ги носеше за заштита на економијата беа ориентирани исклучиво кон заштита на приватниот капитал, без поголема грижа за состојбата на работната сила. Работите ескалираа дотаму што Владата минатата недела сакаше да им дозволи на компаниите кои добиваат државна помош да можат да отпуштаат работници, намера која беше спречена само поради координираната и здружена акција на синдикатите, здруженијата и активистите за работнички права.

Овие панични и себични реакции се огледало на слепиот систем имплементиран кај нас кој во фокусот го има само капиталот, без свесност за тој кој го создава капиталот, поточно работникот. Однесувањето и изјавите на политичарите покажуваат страв од капиталистите преку укинувањето на прогресивниот данок, кој, иако беше мошне умерен, беше успешно спроведен и ги надмина очекувањата. Македонската економија се базира на корумпиран капиталистички систем кој политичарите ги користи како реализатори на потребите на капиталистичкиот пазар кој ги има имплементирано најподмолните правила на игра од слободниот пазар.

Невидливиот непријател, КОВИД-19, без видлив удар го сруши капитализмот за само неколку месеци. Светските економии се пред голем прашалник како понатаму, додека обичниот народ се организира и солидаризира за да преживее. Мантрата дека слободниот пазар ќе се саморегулира гламурозно падна во вода со почетокот на кризата, посебно во Македонија. Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош. Државата им излезе во пресрет, ги национализираше нивните загуби за време на кризата, но време е да почне сериозно да размислува да ги национализира и нивните профити, барем делумно, откако КОВИД-19 кризата ќе помине.

Национализацијата трпеливо го чека враќањето на светската сцена бидејќи ако сакаме да преживееме и да продолжиме да егзистираме, правичната распределба на богатството ни е единствената опција.

Пишува : Соња Стојадиновиќ

Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

 

 

 

Би можело да ве интересира

Прилеп го одбележа Денот на пролетта и на Денот на Даунов синдром

Гордана Цветаноска

Витаминка ги изложи производите на Ануга, водечкиот саем за храна и пијалаци

Тутунски Комбинат доби дивиденда од 2,4 милиони евра од заедничката компанија со Филип Морис

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе