Кој ќе го пресече „гордиевиот јазол“ во Еурокомпозит во кој со децении се заробени работниците ?! Денеска тие, по најавите за старт на радикални синдикални мерки, започнаа со протести и блокади на главните сообраќајници во Прилеп. Единствената причина е исполнување на ветувањата дадени од Владата за сукцесивна исплата на заостанатите плати, подмирување на долговите на државата кон фондовите за пензиско осигурување, социјални пакети до пензионирање. На пладне предводени од синдикалната организација на компанијата со поддршка на СИЕР – гранковиот синдикат на ССМ, работниците ги блокираа крстосниците кај Цепенков и кај општинската зграда.
– Како што вчера најавивме дека ќе започнеме со порадикални мерки, од денеска почнавме да блокираме улици низ градов, доколку Владата нема слух , ние планираме да преземеме и поголеми мерки како што е блокирање на регионални патишта и одење во Скопје пред Владата. Нашите барања остануваат истите што ги истакнавме вчера: исплата на бруто плата и исплаќање на заостанатите плати и придонеси од јуни 2012 година. Од вчерашната прес конференција се нема јавено никој, очекувавме некакви реакции, ама нема никакви одговори од никого, рече Роберт Богданоски – претседател на синдикалната организација на Еурокомпозит 11 Октомври на денешните блокади во центарот на Прилеп, потенцирајќи дека бараат итна средба со премиерот Заев.
Но, денеска се огласи и генаралниот директор на Еурокомпозит Александар Кузески, кој на средба со новинарите по завршување на протестите на работниците, потенцира дека е подготвен да разговара со синдикатот и се надева дека ќе дојде до договор, потврдувајќи дека ситуацијата во фабриката не е поволна и засега може да се исплаќаат аванси на плата.
– Потребно е итно решавање на проблемите на вработените во „Еурокомпозит“ со неисплатените плати и придонеси и од комуникацијата со претставници од Владата сериозно се работи на изнаоѓање решение. Најатрактивно, за што Владата е заинтересирана, е изнаоѓање странски инвеститор, вели Александар Кузески, директор на прилепската наменска фабрика и единствен загубар „Еурокомпозит“.
Директорот рече дека е најдобро решение да се продолжи со работата и вработените колку-толку да земаат плата. Најатрактивно решение е да се најде странски партнер за што повеќе е заинтересирана и Владата, вели Кузески.
Наводно, повеќе странски компании биле заинтересирани за инвестирање во Еурокомпозит, бидејќи според него Еурокомпозит била атрактивен за странски инвеститори и со мало вложување во модернизацијата, компанијата можела солидно да работи.
Од менаџменотот најавуваат дека преговорите со синдикатот ќе продолжат, но исто така апелираат да се продолжи со работа, за да се исплаќаат аванси и да се одржи имиџот на компанијата пред заинтересираните странски инвеститори.
Синдикатот на Еурокомпозит не отстапува од намерите да се продолжи со блокади на сообраќајници во Прилеп, а следниот чекор е блокади на регионалните патни правци и протести пред Владата.