Советот на општина Прилеп денеска ја одржа редовната 50-та седница и втора онлајн, без присуство на новинарите. Преку видео-конференциска врска, советниците ги усвоија Програмата за работа и финансискиот план за 2021 година на ЈКП „Пазари“, а дадоа согласност и за финансискиот план и измените на годишниот план за вработување во 2021 година на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“.
Исто така, усвоена беше и Одлуката за давање согласност на тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈП за ПУП-Прилеп, за период од 01.07.2020 година до 30.09.2020 година.
На денешната седница, членовите на општинскиот Совет ги изгласаа и заклучоците за усвојување на Збирниот извештај за проценетата штета на подрачјето на општина Прилеп од невремето во деновите 17, 19 и 25 август 2020 година. Покрај земјоделски површини во градот, со невремето беа зафатени и повеќе населени места во општината, меѓу кои и Ерековци, Канатларци, Мажучиште, Селце, Присад и др. Со невремето беа погодени земјоделски култури
на површина 284 хектари, а вкупната проценета штета изнесува 45.308.000 денари.
„Зелено светло“ доби и Одлуката за ослободување од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште, за изградба на училишна спортска сала во ООУ „Кире Гаврилоски“.
Советниците ги изгласаа и Решенијата за измена и дополнување на Решението за формирање на комисиите за општествени дејности и правата на децата, за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, како и комисијата за родова еднаквост, а едногласно беа изгласани и дополнувањата на Деловникот за работа на Советот на општина Прилеп.
На седницата беа усвоени повеќе барања на граѓаните од општина Прилеп, за легализација на бесправно изградени објекти.