Постот е востановен, како што се вели за послушание и воздржување во еден период на чистење на телото и духот. Но, како се пости денес? Дали некои навики се променети? Дали брзиот начин на живот и модерната прехранбена технологија влијаат на изборот на посна храна? Дали треба само да се пости, бидејќи е пост или сепак треба постот да биде здрав и правилен избор?- посочива Викторија Илиоска, нутриционисит и ви ги пренесува своите совети
Уште пред да почне постот, многу луѓе и практично се насочуваат кон потрага на посни и вкусни намирници и оброци, само за овој период да го поминат полесно, притоа не обрнувајќи многу внимание колку тие производи се здрави или штетни, па така на пазарот сега може да се најде се што потсеќа на мрсно, а има посен состав. Технолошкиот процес и вештачките додатоци кои се користат за создавање на голем број од овие производи за задоволување на вкусот, често се и многу поштетни отколку самите високо масни природни производи кои се ‘’копирани’’ во посна верзија.
Од здравствен аспект, секој пост не значи дека е здрав пост само заради тоа што количината на храна е намалена и не се корисни мрсна храна. Особено во ова модерно време денес, каде полиците во маркетите се преплавени со фабрички произведени посни производи со буквално не ограничен рок на траење.
Шест недели не е нималку краток период за промена на навиките на исхрана,но важно овој период да го поминете со користење на правилна посна исхрана и да се направи напор постот да вклучува што е можно повеќе домашни, природни, традиционални посни оброци.
Неретко, во текот на практикувањето на Велигденскиот (Велики) пост, поради брзиот начин на живот, не можноста секогаш да се зготви, луѓето се принудени на еднолична исхрана, често користејќи посни-пекарски производи секое утро за доручек, тестенини често како избор за ручек и многу фабрички, преработени посни производи во текот на денот и за вечера. Се позастапени се верзиите на посни пици, посни производи кои наликуваат на месо и колбаси, млечни посни производи и многу други преплавени со хемикалии за да го дадат посакуваниот состав, вкус, мирис и ‘’живот на полиците’’.
Што да се јаде?
Обидете се да изберете природна посна храна. Во текот на постот важно е оброците да бидат нутритивно богати, а организмот притоа ќе се чисти преку отстранување на високо мрсната и преработена храна. Многу е важно да не скокате оброци, тоа може да доведе до истоштување и намалување на вашата енергија. Тука се и овошките за почеток на денот, природна форма на шеќер и растителни влакна, потоа леќата, гравот, грашокот и бројните зеленчуци кои во комбинација со главен оброк подобруваат дигестија и даваат ситост, 6-7 јаткасти плодови за ужинка, бројни комбинации на салати за вечера, динстани печурки со здрави зачини, некогаш бомбици од јаткасти плодови и суво овошје и слични десерт рецепти со здрави намирници.
Кога се користат тестенини, да се избираат интегрални тестенини, а истото важи и за оризот. Колку поголем микс на природни производи, толку помалку ќе ви недостасува користењето на масло, засладување и користење на месо. Има голем број на здрави и традиционални рецепти за време на пост. Треба само да сме фокусирани на разновидна и природна храна. Да не се заборави важноста за хидрирање, да се пијат доволно течности измеѓу оброците. За вечера може да се прави домашно подготвена зеленчукова супа. Водата и течностите ќе го засилат процесот на елиминирање на штетните материи од телото. Но за таа цел, избегнувајте газирани сокови и одберете чиста вода или зеленчукови сокови.
Од друга страна, тука се луѓе кои интензивно или рекреативно спортуваат и воедно постат овој период, тие особено треба да посветат внимание на доволно хидрирање и внес на растителна протеинска храна, која им е неопходна после физичката активност за да не дојде до повреди и да го задржат континуитетот. Би ги издвоила легуминозите, наутот, чиа семето, киноата, хељдата, амарантот, авокадото, јаткастите плодови кои особено треба да се воведат на менито на спортистите. Бројни се начините за нивна подготовка и комбинации за вкусни и екстра здрави нутритивно богати оброци.
Верниците кои го постат Велигденскиот (Велики) пост, а на кои воедно надвор од постот регуларно во нивната исхрана најзастапени им се анималните (животински) производи, треба особено да внимаваат на каков начин постат и на каков начин ‘’излегуваат’’ од постот. Драстичните премини кон високо рестриктивни оброци, особено премин кон нехранливи преработени посни производи, користењето на нутритивно сиромашна храна во текот на целиот пост и притоа – драстичен премин кон високо мрсна храна, изнутрици и црвено месо уште на самиот прв ден после завршувањето на постот, знае да биде голем шок за организмот и да има негативни последици.
Периодите на пост се многу значајни периоди за да се научиме да не јадеме не наситно и многу, туку онолку колку што природно ни е потребно. Кога веќе се трудиме да следиме одреден пат, насока, начин, избор…зошто тоа да не биде здрав, правилен и безбеден начин?
Совети од Нитурционист : Викторија Илиоска