По повод 90-годишнината од смртта и 131 година од раѓањето на македонскиот научник и општественик д-р Анастас Коцарев претставници на македонските заедници од Франција и Швајцарија и на градските власти од Париз денеска положија венец со свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште. Комеморацијата се одржа со посебно одобрување и почитување на мерките за претпазливост и растојание, со пригодни говори од македонска и француска страна.
Со овој чин, конечно е решена мистеријата стара 90 години за тоа каде точно се наоѓа гробот на познатиот македонски научник Анастас Коцарев од Охрид? По 9 децении оддадена му е достојна почит која ја заслужува бидејќи личности како него ретко се раѓаат, а делата со кои нѐ задолжи се безвременски.
Семејството Коцареви од Македонија како и бројни почитувачи на делото на д-р Анастас Коцарев од Европа церемонијата од комеморацијата ја следеа во живо преку видео пренос испраќајќи телеграми и пораки во заедничкото одбележување на настанот.
На комеморацијата обраќања за ликот и делото на д-р Анастас Коцарев имаа претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев и Соња Коцарева- Трпезановска (роднини на истакнатиот научник Анастас Коцарев) и претставниците на македонските заедници од Франција и Швајцарија.
„На денешен ден, пред 90 години, животната судбина го зеде од овоземниот свет светскиот великан Анастас Коцарев, истакнат македонски творец, научник, ерудит, лекар, човекот чија креативна мисла и луциден научен и лекарски дух оставија трајни белези во светот, но и денес во државата Македонија. Луѓето како нашиот Анастас Коцарев вечно живеат. Во Епот за Гилгамеш, змијата е таа што го краде ’вечниот живот’, но, за наша среќа, таа не успеваа тоа да му го направи на Анастас. Големиот римски поет Хорациј, мислејќи за своето дело, зборува дека по неговата смрт сепак нешто ќе преживее: „Нема целосно да умрам“ (Non omnis moriar). „Постои време за сè, и сезона за секоја активност под небото.“ Денес е време да се зборува, да се биде гласен, да се поддржи работата на Анастас Коцарев, време за помирување меѓу Македонците, за општествен и духовен мир без дивеењата што ги гледаме катадневно веќе со години, време за Македонија со повеќевековно минато и долгорочна просперитетна иднина. „Сега е време да разбереме повеќе, за да се плашиме помалку“, порачува Марија Кири.„ Академик Љупчо Коцарев потсети и за активностите на Анастас Коцарев за праведно решавање на македонското прашање во периодот меѓу двете светски војни и дополни: „ 30 години по стекнувањето на независност, по остварувањето на заложбите на Анастас Коцарев, патеката по која се движи Македонија може да заврши во провалија, да доведе до целосно разнебитување, разорување, распаѓање на државата Македонија. Се надевам дека денешните политичари во Македонија нема ни педа да отстапат од програмата на Коцарев за единствена и независна Македонија“, рече претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев во своето обраќање.
Неговата внука Соња Коцарева-Трпезановска од Битола во нејзиното обраќање за нејзиниот дедо истакна: „Анастас Коцарев е заборавен од својата татковина, но не и од семејството и добрите луѓе кои живеат и работат низ Европа и кои ја согледаа неговата големина и важност и особено во време кога за жал со сите сили сакаат да нѐ избришат како Македонци. Анастас беше голема ѕвезда водилка на нашето семејство и голема ѕвезда водилка на македонскиот народ; Твојата основна цел во Швајцарија и Франција беше обединување на интелектуалните умови кои во тоа време се школувале во европските земји околу борбата за својата татковина Македонија, тоа и се случи денеска, по 90 години од твојата смрт да се обединиме во борбата за Македонија која продолжува преку нас и за новите генерации кои доаѓаат. Драг наш дедо Анастас, жалиме што лично никој од семејството не можеме да присуствуваме на твојот гроб денес, заради околностите со пандемијата, но срцето ми е полно кога конечно го најдовме твоето почивалиште, кога гледам дека твоето дело не е заборавено и се надевам дека еден ден ќе почиваш во твојот сакан роден град Охрид, во твојата сакана Македонија!„ – го заврши своето обраќање неговата внука д-р Соња Коцарева-Трпезановска.
Вечна му слава!
Од семејствата Коцарев и Пинел, Унијата на Македонците од Франција, Македонскиот национален совет од Швајцарија, Македонска дијаспора од Лозана и македонските национални заедници од Европа.
КОЈ Е Д-Р АТАНАС КОЦАРЕВ?
Анастас Коцарев (француска транслитерација: Anastas Kotzareff) е роден во Охрид, на 26. март 1890 во старо и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница Сесил Пинел се населил во Париз каде ненадејно починал на 28. март 1931 година.
Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Ова истражување ќе го насочи на тесна соработка со познатата нобеловка Марија Кири – Склодовска која во тоа време била професор и директор на лабораторијата за радиум на Универзитетот Сорбона во Париз.
Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак).
Покрај неговата професионална преокупација – медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна, и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија“.
Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Цирих и Лозана во заедничко Друштво на Македонците за независна Македонија, а подоцна бил основан и Генералниот совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil general des Sociétés macédoniennes) на кое Коцарев бил избран за претседател. Во 1919 година, во текот на Париската мировна конференција во Париз д-р Коцарев во име на Главниот одбор поднел барање да испрати тричлена комисија која би ги застапувала интересите на македонскиот народ, но нивното барање било одбиено од преговарачите на конференцијата. Главниот одбор и д-р Коцарев продолжиле да испраќаат телеграми и петиции барајќи праведно решавање на македонското прашање.
Повеќе за животот и делото на големиот македонски научник и деец д-р Атанас Коцарев од видеото: