Состојбата со настаните околу притворањето на командирот на ПС Прилеп и безбедноста во општината, беше тема на денешната прес конференција, на која се обрати Дејан Проданоски, советник во Советот на Општина Прилеп и претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост:
„Ја повикуваме Еленче Ташкоска, претседателот на Советот на Општина Прилеп, да свика итна седница на советот со една единствена точка на дневен ред: расправа за новонастанатата состојба по притворањето на командирот на ПС Прилеп. На седницата Претседателот на Советот да ги покани Градоначалникот Илија Јованоски, како и министерот Оливер Спасовски. Очекуваме како советници да дадат одговор на прашање по безбедноста во Прилеп, за што се заинтересирани граѓаните, кои се згрозени од секојдневните вести околу криминалот во градот. Граѓаните очекуваат безбедност, а не да нема луѓе на функциите за кои што се избрани. Ние советниците, а преку нас граѓаните, треба да добиеме одговори како ќе биде спроведен законот во овој случај? Го повикуваме министерот Спасовски, по спроведените законски постапки, да се охрабри и да го разреши командирот на ПС Прилеп. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ќе поднесе денес барање за свикување на итната седница, затоа што тоа е од интерес за граѓаните и нивната безбедност. ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна политичка партија, секогаш ги става на прво место интересите на граѓаните. Нема да дозволиме Прилеп да биде градот на мафијата и безредието.“