Oд наредниот месец седниците на Советот на општина Крушево директно ќе се пренесуваат „онлајн“ во живо на „Фејсбук“ и „Јутјуб“. Во тек е опремувањето на просторијата каде се одржуваат седниците во горната училишна зграда во Крушево, со што ќе се подигне нивото на транспарентност на Советот.
„ Граѓаните ќе имаат можност да ги следат седниците во живо, да ги прегледуваат по завршувањето и со тоа одблиску да се запознаат со нашата работа. Се заблагодарувам на Швајцарската агенција за развој и стоработка, УНДП како имплементатор и на сите советници кои зедоа учество во проектот. Работата на Советот станува поотворена, а советниците се поблиски до граѓаните“, вели претседателот на Советот на општина Крушево Тома Петроски.
Претходно, во рамките на проектот советниците посетуваа обуки за градење на капацитетите и се здобија со знаења за подобро и поефикасно извршување на обврските.
Примената на иновативната алатка за пренесување на седниците на советот во живо е дел од Проектот „Зајакнување на општинските совети“, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и истиот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.