Прилепска Пелагонија уште во првиот круг донесе одлука за градоначалниците во трите од вкупно четири општини на седмите по ред Локални избори. Врз основа на преброени 100 отсто од гласовите на Државната изборна комисија за градоначалници:
Прилеп, најголемата општина по територија и по бројот на регистрирани гласачи, новиот градоначалник д-р Борче Јовчески од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ го доби меѓу 5 те мина кандидати, со над 7 илјади разлика во гласовите од второпласираниот кандидат Горан Сугарески од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ . Односно, според 100% обработените резултати од ДИК 54,84% од вкупните гласови или 22.196 гласале за Јовчески, наспроти 36,21% или 14.655 за Сугарески.
Крушево, со оглед на тоа што беа двајца кандидати, беше очекувано победникот да биде познат уште во првиот круг. Граѓаните на општината својата доверба ја дадоа за актуелниот градоначалник Томе Христоски од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ со 2.937 (52,70%) наспроти 2.314 (41,52%) за Билјана Проеска од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“.
Кривогаштани, најмалата општина според територија и гласачко тело, одлучи својата доверба да ја даде за истата политичка опција како и досега но, за кандидатот Николче Мискоски од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ меѓу вкупно четворицата претенденти за градоначалник со освоени 50,83% од гласовите или 1.766, наспроти второпласираниот Александар Богданоски од ВМРО ДПМНЕ со 1.438 или 41,39%.
Долнени, по многу карактеристики специфична општина за овие локални избори според бројот на кандидати за градоначалници и тоа вкупно 8, за две недели повторно ќе се гласа. Имено, во вториот круг довербата од сограѓаните ќе ја побараат Урим Ибески од ДУИ со 28,56% – со освоени 2.047 гласови, и Аднан Џафероски од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ со 21,22% или освоени 1.521 гласови.
Вториот круг од семите по ред локални избори ќе се одржи на 31 октомври.