Со што и на каков начин се хранеле, од што опстојувале, од што боледувале, како се развивале нашите далечни предци, со каква облека се заштитувале, од каде доаѓале културолошките влијанија, каква била климата, како се создавале организираните населби, што ги поврзувало меѓусебно, зошто се отселувале или доселувале на одредени локалитети луѓето на овие простори… и многу други прашања со мултидисциплинарно поврзување на артефактите ќе ги даде лабораторијата за археометрија во Научниот институт за старословенска култура Прилеп.
Единствен начин да се исклучи субјективноста во тумачење на археолошките наоди
Тоа ќе биде прва лабораторија од таков вид во Македонија и во регионот на Балканот. Ќе овозможува релевантни податоци кои и досега македонските археолози низ своите истражувања ги поседуваа, но со акредитацијата – со нејзиното потврдување, ќе може истите да се користат во цела лепеза од креативни научни достигнувања од различни области: историја, култура, климатологија, уметност, лингвистика… во зависност од потребите и научните потреби. Со таквиот пристап, и единствено на тој начин, се исклучува субјективноста, бидејќи во науката само релевантните, потврдени, податоци се признати, мерливи и можат да бидат дел од поширок спектар на сродни хуманистички истражувања.
– Лабораторијата за археометрија при НУ за старословенска култура Прилеп во регионални рамки ќе биде ретка. Во текот на 2022 година ние ќе поминеме низ процес на акредитација и формално признавање на лабораторијата, што е строго дефинирана процедура која што е водена од Институтот за акредитација. Во суштина станува збор за препознавање или пак за создавање на стандардни оперативни процедури кои што се специфични за различни сегменти од научно истражувачката дејност во археологијата, вели д-р Христијан Талевски, археолог, научен соработник во Јавна научна установа Институт за старословенска култура Прилеп, дел од научниот тим.
Во процесот на формално признавање на лабораторијата ќе биде вклучен млад тим од 4 доктори на науки, 1 магистар по археометрија и 2 докторанти, со големо искуство и многу значајни резултати во своите области, кои својата работа ја потврдиле со научни достигнувања објавени во релеванти научни списанија со висок фактор на влијание во Европа.
Зошто е важно на каков начин да се пренесуваат информациите добиени од археолошките истражувања?
Научниците велат дека токму процесот на интерпретација на резултатите е еден од најризичните во археологијата. При примена на стандардите со лабораторијата ќе се дојде до резултати кои што не оставаат простор, за субјективна интерпретација или тумачење на резултатите. И не само тоа, туку археолозите со своите наоди можат да дадат одговор на многу прашања кои и денес се актуелни, бидејќи археометријата е примена на научни методи и технологија специфични за другите науки при археолошките истражувања. Бидејќи археолошките истражувања не би имале своја цел доколку не најдат своја примена во развојот на човештвото преку мултидисциплинарно поврзување со природните, техничките и компјутерски науки, со прецизни анализи.
Во лабораторијата ќе се применува висока технологија како што тоа се прави во физика, хемија и медицина
– Со анализа на јагленород Ц 14 ние ќе можеме да утврдиме старост на одреден наод. Ќе може да се одредува климата во минатото, какви растенија егзистирале, навиките кои што луѓето ги имале во процесот на производство на храна, на житарици, што е нашата цел да го реконструираме нашето минато врз основа на материјалните остатоци кои што ги наоѓаме, рече Талевски.
Отворена за јавноста и за едукација
Покрај научно истражувачката работа една од примарните цели на лабораторијата е развивање на компјутерски систем за евидентирање на резултатите од археолошките истражувања, со можност за прецизно просторно позиционирање на секој архолошки наод – 3 димензионални проекции, но и резултатити кои ќе дадат одговор за стутусот, занимање на семејството, или членови на семејството.
Лабораторијата ќе биде отворена за јавноста и за државните институции и за образовните установи, за научна доедукација, како и за младите. Реализацијата на проектот за акредитација е овозможен преку министерството за образование и наука.