7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Која е вистината за незадоволството од тутунскиот откуп?!

Дали навистина тутунскиот „колач“ има само две парчиња – производители и откупувачи; до која мерка државата треба да води сметка за почитување на пазарните односи; колку во услови на двегодишна пандемија може да се дозволи тутунопроизводството од најрегулиран и најзаштитен сектор во македонското земјоделство да спадне на недоволен за преживување на 30 илјади земјоделски семејства?

Прашањата нема да добијат одговор, верувам ни до крајот на оваа откупна реколта, зашто од исклучиво пазарна категорија, тутунопроизводството како никогаш до сега „плива“ во политичките води. Каде е проблемот?

Тутунарите обвинуваат дека увозот на тутун е пречката, која не дозволува, проценките на вагите да ги покријат нивните основни трошоци. Од друга страна  инфлацијата ги зголеми трошоците за производство, а откупните цени наместо да ја следат прогресијата, втора година со ред останаа исти. А тука се обвинувањата за фингирање, „дотерување“ на откупната линија според потребите на откупувачите, но на штета на тутунарите.

Ова се пресметките на новоформираните здруженија на примарните производители за откупната цена пред и по измените во законот за увоз на тутун на:

Анализа за три години пред законот со кој се дозволи увоз на необработен тутун:

  • Реколта 2017 постигната просечна цена 215,6 денари. Производна цена 156.7 денари. Заработувачка по килограм 58,9 денари.
  • Реколта 2018 постигната просечна цена 214 денари. Производна цена 169,3 денари. Заработувачка по килограм 44,7 денари.
  • Реколта 2019 постигната просечна цена 220 денари. Производна цена 178,7 денари. Заработувачка 41.3 денари. ПОБАРУВАЧКАТА НА КОМПАНИИТЕ Е НАД 25 МИЛИОНИ КИЛОГРАМИ.

 Анализа после донесување на законот за увоз на необработен тутун:

  •  Реколта 2020 постигната просечна цена 159 денари. Производна цена 195,5 денари. Загуба по килограм 36,5 денари. Намалување на договореното производство на 23 милиони килограми.
  •  Реколта 2021 просечна цена на половина предадено производство 190 денари. Производна цена 217 денари. Според овие бројки тутунарите и во оваа реколта ќе го продадат родот по евтино од она што чини еден килограм произведен тутун. Намалување на договореното производство на 22 милиони килограми.

Од друга страна, заменик министерот за земјоделство Трајан Димковски на социјалните мрежи појаснува дека увозот не е закана за домашното производство и смета дека изјавите според кои увозот на тутун го загрозува откупот на домашното производство прават штети во јавноста:

Според Стопанската комора, откупните претпријатија што вршат откуп на тутун во земјава имаат законско право да увезат необработен тутун за да ги дополнат своите капацитети за доработка.

-Согласно новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи точно е дефинирано кој има право да врши увоз. Тоа можат да го прават единствено лиценцирани компании. Притоа, мора да се потенцира дека овој тип на увезен тутун не се произведува кај нас и не влијае воопшто врз откупот на тутун во нашата држава. Домашните производители на цигари имаат потреба од типови тутун кои не се произведуваат кај нас, а се потребни за производство на цигарите, наведува Комората.

Јасно е дека во јавноста, свесно се креира погрешна слика дека увозот е на штета на домашното производство. Но, тутунопроизводителите ја знаат вистината“, појаснува Димковски.

Која е вистината?

Ваквите анализи се резултат на бранувањата предизвикани од иницијативата на пелагониските градоначалници и пратеници за измени во Законот за тутун со укинување на увозот, која што започна од средината на минатиот месец.

Но, да се вратиме на „слаткиот“ тутунски колач: производство во просек од 22 милиони кгр годишно квалитетен ориентален тутун, кој е баран и признат на меѓународниот пазар.  Во Македонија владеат пазарни услови, нели, кои треба едноставно да функционираат. Побарувачката е таа која што диктира производство, а бидејќи е договорно, цените ги преговараат двете страни!  Со децении, претставниците на тутунарите, застапени во преговорите за откупните цени, бараат рамноправна положба во утврдување на цените пред производната сезона. Наспроти тоа, во 30 години независност, тутунарите добиваат подредена положба наместо рамноправност, што јасно укажува на простор за манипулација. Земјоделците знаат математика, колку вреди да се произведе, колку чини вложениот труд и мака преку целата година, а и науката е тука, Институтот за тутун може да даде одговори на многу прашања…

А, караванот си врви…откупот си тече, додека немирните води ја заматуваат единствено политичката сцена и ништо повеќе. Незадоволството на тутунарите си трае, без најава за скора разрешница, која што, според најавите, би требало да се случи во македонскиот парламент.

Едно е сигурно, од година во година обработеното земјиште се намалува, нивите под тутун се повеќе исчезнуваат  – а  и логично, бидејќи е тоа пропорционално со грижата на државата за земјоделците, за нивните потреби, во и вон пандемија!  Се’ е тоа на грбот на земјоделците кои спасот го бараат во странство, па велат: младите ни заминуваат, нема кој да работи земја!

Ете тоа е вистината за незадоволството од тутунскиот откуп, ниски цени, непочитување на трудот на земјоделците, негрижа на државата да ги заштити, младите си заминуваат не гледајќи иднина во вакво земјоделство без јасна стратегија и без иднина…

Би можело да ве интересира

Витаминка ги вработи првите кадри со дуално образование од профилот за индустриска мехатроника од СОУ Ристе Ристески Ричко

Пела Редакција

Објавен јавен повик од ИПАРД III програмата

Пела Редакција

Жителите од еколошко подрачје Порече отсечени од главниот град на државата

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе