11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Министерот за земјоделство во Прилеп, локалните новинари и земјоделски здруженија не беа пожелни на средбата?!

Денеска, во Прилеп, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со заменик министерот Трајан Димковски, ги доделиле првите договори за закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари за последните два јавни повици. Најмногу договори за околу 500 хектари, биле склучени за Прилеп, и тоа вкупно 232 договори.

Николовски на настанот потенцирал дека „праксата на директни средби и контакти со земјоделците продолжува и понатаму, за да се слушнат проблемите, предлозите, идеите и размислувањата на земјоделците бидејќи тие најдобро знаат со што се соочуваат и посочи дека целта е заеднички да наоѓаме решенија, и тие да се вградат во годишните програми и во политиките што ќе ги креира Министерството“.

Но, и покрај ваквите заложби за наводна транспарентност и грижа за земјоделците, ниту за денешниот настан кој се одржал во подрачната единица на МЗШВ во Прилеп, како и за посетата на Премиерот, локалните новинари не беа известени.

Воедно, не биле поканети на средба ниту претставниците од земјоделските здруженија кои делуваат во регионов, на што, тие реагираа со соопштение во кое се вели:

„Денес во посета на Прилеп бил Министерот за земјоделство кој наместо да оствари средба со земјоделците од кои од прва рака би се запознал со проблемите со кои тие се соочуваат, тој на затворен и договорен состанок криеќи се од нив според неговата агенда доделил договори за закуп за земјоделско земјиште. Па би го прашале министерот што би работеле земјоделците на оваа земја? Тутун? Знаете ли министре дека тутунот го работиме со загуба? Просечната цена одвај достигна 195 денари, а килограм произведен тутун во оваа реколта тутунарите ги чини 217 денари?

Житни култури? Знаете ли министре дека пченицата и јачменот ни ги откупија за мизерни 10 денари? Свесни сте дека и овие култури ги работиме со загуба? Истото се случува и со оризарите, овоштарите, лозарите, сточарите но за жал вие не сакате да се сретнете со земјоделци и здруженија кои ќе ви ја кажат вистината во очи, туку се среќавате со партиски земјоделци кои ви го кажуваат она што вие сакате да го слушните.

Почитуван, оваа 2021 година како и неколку претходни години ја завршивме со загуби во секој сектор, а новата реколта ни е на прагот па како министер би ве прашале како да ја отпочнеме?

Со зелена нафта која не ја добиваат тутунарите и сточарите и која достигна преку 70 денари a која и понатаму ќе расте? Со ѓубрива кои се покачени за 300%во споредба од лани. Со репроматеријали и препарати за заштита покачени за 100%. Со празни акомулации за наводнување. Затоа почитуван министер, погрешните политики во овој сектор нас земјоделците не уништија и ни требаат промени, но за жал она што се променува во земјоделието во овие неколку години е само министерот, за 4 години се променети 3 министри кои за жал наместо да облечат чизми тие со лакирани чевли шетаат по црвени килими наместо по полињата. Штетата од сето тоа не ја трпат само земјоделците туку и цела држава.

И за крај Не се плашете да се сретнете со вистинските земјоделци од нив има многу што да научите,“ се вели во реакцијата на тутунските здруженија по повод денешната посета на ресорниот министер во Прилеп.

Би можело да ве интересира

Се реализира програмата за асфалтирање на прилепските улици

Елизабета Филипоска

(фото) Над Пелагонија веќе се лета – започна „Пролетен меѓународен куп Крушево 2019“,

Елизабета Филипоска

ЕКС ПРАТЕНИЧКАТА КЕТИ СМИЛЕСКА НОВ В.Д ДИРЕКТОР НА БОЛНИЦАТА ВО ПРИЛЕП

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе