Делегација од Општина Прилеп предводена од градоначалникот Борче Јовчески и од претседателот Советот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, наставници, вработени и ученици од ООУ „Гоце Делчев“ , со должна почит денеска се поклонија и положија цвеќе пред бистата во училиптетот, по повод јубилејот, 150 години од раѓањето на најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев .
Како дел од пригодната програма, пред присутните се обрати директорката Снежана Котева која што истакна : „ Во оваа пригодна можност морам да нагласам дека се гордеам што нашето училиште сигурно чекори во процесите на унапредување на квалитетот на наставата и учењето имајки во предвид дека, во современото општество кое се карактеризира со брзи промени во сите области, воспитно-образовниот процес е поттикнувач на општествениот развој. “
Наставничката Величе Лесноска имаше подготвено реферат за животот и делото на нашиот апостол Гоце Делчев, а исто така дел од учениците имаа подготвено и кратка музичка точка со песна за Делчев.
Гоце Делчев е еден од најголемите македонски национални херои, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна борба, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век.
Роден е на 04 февруари 1872 година во Кукуш. На 3 мај 1903 година откако пристигнал на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ во селото Баница Серско, војската го опколила селото и во борбата утрото на 04 мај загинал Делчев, бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава.